Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје започна судењето за нападот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во скопски Чаир.
Обвинетиот Сулејман Јамалари, кој е моментално во куќен притвор и е поранешен вработен во ЈП „Паркови и зеленило“, се изјасни за невин за нејзиниот напад.
Адвокатката на Јамалари, меѓудругото рече дека и тој самиот бил жртва на физички напад и имал телесни повреди и ја пријавил градоначалничката за насилство, а побара и материјалните докази поднесени од Арсовска, меѓу кои се и фотографии и видеозаписи да не прифатат, оти не биле прибавени на законит начин.
Арсовска пак посочи дека на местото на инцидентот се чувствувала загрозено, несигурно и исплашено – не само за себе, туку и за присутните.
Според нејзе нападот траел над 40 минути, во кои Јамалари, и покрај интервенцијата од страна на полициските службеници, продолжил да се обидува да нападне и други претставници од градската администрација.
Наведе и дека Јамалари и претходно ѝ упатувал закани преку социјалните мрежи и предјави оштетно побарување и официјално се приклучи кон кривичниот прогон.
Инцидентот се случил на 11. јули 2025, на улицата „Севастополска“ кога Арсовска беше на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба и нелегални приклучоци.
Процесот го води судијката Билјана Коцевска, а застапник на обвинението е обвинителот Александар Давчевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Куќен притвор и мерки на претпазливост, одреди Судот за напаѓачите на Арсовска
Арсовска објави фотографија од лицето кое ја нападнало
Бугарија во нападот на Арсовска виде уште еден напад на бугарски државјанин