Пожарите во Трубарево, Вардариште и Дрисла се обид за убиство – време е за итни измени на Кривичниот законик, бараат од ДОМ

Зелената партија ДОМ остро реагира на денешниот пожар во скопското село Трубарево, кој според нив, е уште еден доказ дека државата дозволува екоцид врз граѓаните.

„Очигледно дека не станува збор за изолиран настан – претходно гореа депониите Вардариште и Дрисла. Секој ваков пожар е директна закана по животот и здравјето на луѓето, а институциите остануваат неми и без одговорност.

ДОМ како дел од „Коалицијата за зелена иднина“ порачува  дека дојде моментот да се престане со полупразни изјави и симболични реакции на институциите. Кога чадот ги труе белите дробови на децата, кога цели населби се задушуваат, тоа не е „општа опасност“ – тоа е обид за убиство.

Затоа, ги повикуваме сите пратеници во Собранието – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН и сите други политички партии – веднаш да се обединат и да подготват итни измени на Кривичниот законик со кои подметнувањето пожар ќе биде јасно утврдено како кривично дело што ќе се третира како обид за убиство,“ се вели во соопштението.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.

„Страшен е молкот и доцнењето во препораките, особено од здравствените власти. Загрижувачки се дел од информациите што пристигнуваат а тоа е дека горат литиумски батерии и друг отпад кој е исклучително опасен. Во исчекување на официјални податоци, препорачувам граѓаните во Трубарево и околните населби да носат маски, да не престојуваат на отворено без итна потреба и да земаат антиоксиданси за превенција.

Апелирам до властите дека е крајно неодговорно да се молчи во вакви случаи. Исто така, е крајно неодговорно наместо решенија, одговорните да измислуваат приказни за хибридни напади, политички потпалени пожари и слично. Ова е надвор од секој здрав разум, наместо решенија, се нудат политички оправдувања и спинови,“ вели Филипче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Гори рециклаторен центар во скопско Трубарево, соработници на „Нула Отпад“

Дрисла чади со намален интензитет, но сè уште го труе Скопје

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести