На Македонија пред сезоната на зголемена опасност од пожари на отворено и недостигаат дури 400 пожарникари. Во земјава не постои ниту центар за постоечките и идните пожарникари, посочија денеска од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
– Во моментов има помалку од 400 пожарникари во сите единици на противпожарна заштита, иако согласно закон бројот треба да биде поголем од 800. Законот јасно вели дека на 1.500 жители треба да има по еден пожарникар. Тоа е првата и најголемата болка која ја имаме во општините.
Втората е што во државава не постои тренинг центар за обука за новите и старите пожарникари, кои би биле соодветно обучени за да почнат да работат, посочи денеска извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.
Голем дел од пожарникарите дополнително работат со стари возила и стара опрема.
– Мора да видите каква разноликост постои во нашите противпожарни единици кои имаат возила од 40-те, 50-те години, нешто што останало од стариот систем, кои ги поправаат и се трудат да направат со нив што поуспешна работа.
Разни донаторски организации и амбасади се обидуваат да ни помогнат, кои ни даваат возила и опрема кои се со различен метрички систем.
Четврата работа е опремата за пожарникари. Секоја општина се обидува да се снајде на свој начин, да им обезбеди нови чизми, пожарникарски одела и се што ќе им треба за нивните акции. Имаме многу лошо опремени пожарникари, посочи таа, подвлекувајќи дека малку е срамно некој да дојде од страна и да ни помага.
Фото: Игор Бансколиев