„Преспа што нè поврзува“ – Светскиот ден на езерата одбележан во Ресен

Во предвечерјето на Светскиот ден на езерата, кој се одбележува на 27. август, во Ресен се одржа јавната манифестација „Мојот дел од природата“, организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД), Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ).

Замислен како точка на поврзување меѓу институциите, организациите, локалната заедница и сите оние кои се грижат за иднината на Преспа, настанот покажа дека кога ќе се поврзат луѓето, знаењето, природата и културата – Преспа има што да каже пред светот.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, и извршната директорка на Македонското еколошко друштво, Робертина Брајаноска, ја истакнаа важноста на заедничкото дејствување за зачувување на природното наследство и создавање услови за одржлив развој на регионот.

Во рамки на настанот беше потпишана и Декларацијата за основање на Прекугранична работна група за шуми, чија цел е создавање заедничка платформа за дијалог, размена на знаења и информации и координирање активности поврзани со зачувувањето, обновувањето и следењето на шумите во поширокиот преспански регион.

Декларацијата првично ја потпишаа Националниот парк „Галичица“, Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA). Со потпишувањето, партнерите ја потврдија својата заложба за зајакнување на регионалната соработка во заштитата, обновувањето и одржливото управување со шумите.

Следуваше панел-дискусијата „Зачувување и одржливо управување со природното наследство на Преспа“, на која се разговараше за состојбите, предизвиците и можностите за заштита на природното богатство и одржливото управување со природните ресурси на регионот.

Паралелно со програмата, посетителите имаа можност да ги запознаат локалните производи и природните богатства на Преспа преку штандовска презентација на локални производители, заштитени подрачја и граѓански организации. На овој начин, манифестацијата ги поврза заштитата на природата со локалната економија, традицијата и потенцијалите за одржлив развој.

Посебно внимание беше посветено на најмладите. Во соработка со основните училишта „Мите Богоевски“ и „Гоце Делчев“ од Ресен беше организиран турнир во друштвената игра „Преспа“, преку кој учениците имаа можност на забавен и интерактивен начин да учат за природното наследство на својот регион. Финалето на турнирот се одигра на големо платно пред публиката на градскиот плоштад.

Вечерната програма заврши со музичка прослава на локалната култура. Присутните уживаа во автентичната староградска музика на составот „Персиди“, а потоа и во поп-рок репертоарот на ресенскиот бенд „Пуш Пауза“.

На манифестацијата ѝ претходеа и две теренски посети со граѓанско учество. Дваесетина граѓани од регионот учествуваа во набљудување на птици на локалитетот Сирхан, со поглед кон северното преспанско крајбрежје и Паркот на природата „Езерани“, додека следниот ден беше реализиран мониторинг на желки во околината на селата Љубојно и Долно Дупени. Активностите им овозможија на граѓаните директно да се запознаат со научно-истражувачката и мониторинг работата што се спроведува за подобро разбирање и зачувување на природата на Преспа.

Со „Мојот дел од природата“, Преспа уште еднаш се покажа како простор што ги поврзува луѓето и култура. Можеби секој од нас има различен „дел од природата“, но Преспа е заедничка. Нејзиното природно наследство е заедничка одговорност, а нејзината иднина зависи од сите нас – од нашата подготвеност да соработуваме, да се грижиме и заеднички да ја градиме Преспа што ќе ја оставиме на идните генерации.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести