Кој е Тони Коњановски, старо-новиот градоначалник на Битола

Актуелниот градоначалник на Општина Битола, Тони Коњановски беше резибран на функцијата во првиот круг од локалните избори.

Тој според податоци на Државната изборна комисија (ДИК) како кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои 50,52% од гласовите, втора беше независната кандидатка Габриела Илиевска, со 21,49%, а трет кандидатот на опозициската СДСМ, Методија Куновски, кој освои 16,43% од гласовите.

еМагазин во серијал ќе Ви ги престави новоизбраните градоначалници во поголемите општини, од кои дел се нови лица, а дел се реизбрани.

Кој е Коњановски

Роден е на 28.01.1962 година во Битола.

Основно училиште и гимназија завршил во Битола во генерацијата 1979/80 година.

Високото образование го започнал на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Белград, Србија, во генерацијата 1981/82 година, а го продолжил на Медицинскиот факултет при Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” во Скопје, каде и дипломира.

Професионална кариера

Својот професионален ангажман го започнал во ЈЗУ Здравствен дом во Ресен, каде од 1992 година, па се до 2000 година работел како лекар во Службата за итна медицинска помош и домашно лекување.

Во периодот 1997-2000 година, Коњановски е именуван за прв човек на оваа служба.

Од 2000 година се префрла во тогашниот Завод за здравствена заштита (ЗЗЗ), денеска ЈЗУ „Центар за јавно здравје“.

Коњановски во континуитет работи во оваа институција на различни позиции.

Во 2000 година ја започнува специјализацијата по епидемиологија на Институтот за епидемиологија при Медицинскиот факултет во Скопје. По специјализирањето, раководи со отсекот за дезинфекција, дезинсекција и дератизација во составот на Одделението за епидемиологија при ЈЗУ ЗЗЗ Битола.

Во 2007 година Коњановски е назначен за стручен раководител на ЈЗУ “Центар за јавно здравје” Битола, а од октомври 2016 година до август 2017 ја извршува функцијата директор на оваа институција.

Поседува Сертификат за активно учество во воведување на систем за квалитет во лабораториите за санитарна микробиологија и санитарна хемија ISO 17025, како и систем за управување со квалитет во работењето ISO 9001.

Зад себе има бројни учества на меѓународни и домашни конгреси и работилници, како и медиумско покривање, едукации и трибини од областа на јавното здравство.

Коњановски во 2014 година се стекнува и со стручно звање примариус.

Во ноември 2021 година за првпат стана градоначалник на Општина Битола.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој е Изет Меџити, новиот градоначалник на Чаир, кој ќе ја води Општината по четврти пат

Кој е Петар Јанков, новиот градоначалник на Струмица

Кој е Орце Ѓорѓиевски, кој со Амар Мециновиќ, оди во вториот круг за избор на градоначалник на Скопје

Фото: Фејсбук/Коњановски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести