Промоција на „Сета боја зад црнината“ од Васја Мицковски, вечерва во гимназијата „Орце Николов“

Промоција на романот „Сета боја зад црнината“ од Васја Мицковски ќе се одржи вечерва во холот на гимназијата „Орце Николов“, во 18.45 часот.

Книгата на младиот автор веќе си го најде своето место меѓу читателите откако пристигна минатата недела во издание на ТРИ. Ова не е дебитантско дело на Мицковски. Во февруари 2024 година тој ја објави својата филозофско-психолошка повест „Апокалипса на младиот роб“, поетичен прирачник за животот на младиот човек.

Во 2024 и во 2025 година беше награден за најдобра песна од млад автор на конкурсот за необјавена песна во чест на Анте Поповски, „Антево слово“. „Сета боја зад црнината“ не му е прво книжевно дело, но е негов прв значаен роман, и тоа во издание на една од најистакнатите издавачки куќи во земјата. Корицата на романот е на Љупка Стојкова.

Промоцијата е најавена како спој на повеќе уметности. Во улога на промотори ќе се појават проф. Маријана Ѓорѓиева-Ристевска и писателката Виолета Танчева-Златева, а во разговорот ќе се вклучат и младите илустраторки Викторија Димовска, Михаела Белдедовска, Дариа Илиевска и Јана Самарџиева.

„Чудесно е чувството кога ќе се наиде на дебитански роман со високи уметнички вредности.Васја Мицковски напишал раскошно дело за љубовта и убавината, за нераскинливото пријателство со сите бои во природата и во животот. Златно камче во мозаикот на уметноста, единствената која може да го победи времето,“ напиша Танчева-Златева.

Во својата објава за настанот од ТРИ ни ветуваат одличен роман, а Васја Мицковски најави несекојдневна промоција збогатена со музички изведби на пијано и мандолина, интересни разговори и загатливи посвети.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести