(Фото) Промовирано петтомно издание „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“, кое по лик и дело е една жива Библија

Ново книжевно издание на Бигорската Обител, петтомното дело „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“, беше промовирано во Бигорски манастир, а по повод трите значајни јубилеи што ги одбележуваат оваа година: 55 години од раѓањето на епископ Антаниски г. Партениј игумен на Бигорски манастир, 30 години од неговото монаштво и 5 години архиерејско служење.

Од Бигорски ќе истакнат дека ова дело е летопис на духовниот живот на нивната монашка заедница и на благодатното служење на нивниот возљубен Старец.

Архимандрит Кирил, во своето воведно обраќање пред присутните гости на промоцијата, меѓудругото истакна дека, како монаси живеат во благословена и историска епоха и малку се трудат да ја посведочат.

Оттука  книгата која се промовира е плод на тоа послушание и иако се пет тома, многу малку е обележано во нив вистинското целото духовно дело на Епископ Партениј.

„Оние кои, пред време имаа можност да ја погледнат книгата која ја работевме подолг период, ми пристапија и ми честитаа за делото. Но јас им одговорив дека ние како братство, не направивме ништо. Ние бевме само писари, или што би се рекло тастатура на она што нашиот Старец го твореше, не само за овие пет години туку почнувајќи од пред 30 години.

Кога размислував што да кажам се сетив на Христовите зборови кога во една прилика приоѓајќи кон Ерусалим воздивна Господ над градот и рече „Ерусалиме, Ерусалиме камо да го беше узнал времето на твојата посета“ и добив вдахновение дека Господ не само тогаш во тоа време во Ерусалим, туку нè посетува во секоја епоха и во секое време.

Се запрашав себе си, не сме ли ние посетени од спасителот Христос преку трудовите, солзите, молитвите, преку жртвите, преку ноќните бдеења и грижи на Нашиот Старец.

Ние го живееме Старецот и делата негови како секојдневие, и просто се навикнуваме да ги гледаме чудесата Божји и ете за жал ни се промакнуваат и некогаш не сфаќаме колку големи дела твори Господ, во наше време, меѓу нас,“ истакна архимандрит Кирил кој е уредник на изданието.

Секоја книга го носи духот на годината во која е создадена, но сите заедно раскажуваат едно сведоштво

Промотор на книгата беше универзитетскиот професор Александар Спасеновски, кој за ова издание ќе рече дека „не треба да се чита само како световна хроника, туку и како литургија со зборови.

„Оваа преубаво осмислена хроника, во духот на велелепието кое пулсира од Бигорски, со своите страници исполнети со прекрасни фотографии, текстови и сведоштва, ни покажува и како верата и трпението можат да го преобразат текот на историјата. Петтомното издание на „Бигорската хроника – архиерејско петлетие“ е исповед на едно време, на една заедница и на една вера.

Петте тома, собрани во едно, се како пет свеќи запалени во темнината на современиот свет. Секоја со своја светлина, но сите со еден извор. Секоја книга го носи духот на годината во која е создадена, но сите заедно раскажуваат едно сведоштво. Сведоштвото за Божјото присуство во делото на Бигорскиот манастир. Тоа се книги што не ја мерат историјата со датуми, туку со благодат. Што не ги бројат настаните, туку ги бележат чудата на верата. Што не опишуваат минато, туку сведочат за вечноста,“ рече Спасеновски.

Тој се осврна и на улогата на Бигорски манастир во обнвувањето на црковното единство, отворена рана која треба целосно да се зацели.

„На 9 мај 2022та, со историската одлука на Вселенската Патријаршија за признавање на канонскиот статус на современата наследничка на славната Охридска архиепископија, беше исцелена раната што повеќе од половина век ја делеше нашата Црква од православното семејство.

Во тој процес улогата на Бигорската обител е јасно препознаена и признаена. Сосема прецизно Неговата сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, говорејќи во врска со оваа тема со особена љубов го истакнува „одлучувачкиот придонес на братството на Бигорскиот манастир под Богољубивиот епископ Антаниски Партениј – особено нему лично – за целиот процес на лекување и исцелување на овој долготраен и страшен раскол,“ подвлече Спасеновски.

Тој ја потенцираше добротворната дејност на Манастирот, во контекст на улогата на црквата во општествениот живот.

„Со грижата за сиромашните, зависниците, децата без родители и сите на кои им е потребна топлина, Бигорски ја покажува вистинската димензија на христијанството: љубовта на дело. Денес, кога зборуваме за духовна и културна мисија, не зборуваме за нешто апстрактно, туку за конкретни луѓе, конкретни животи и конкретни судбини што биле преобразени. Секој човек што ја почувствувал прегратката на Бигорски, станува жив сведок дека верата може да исцели и да научи повторно да се љуби,“ додаде Спасеновски.

Народот најдобро препознава кога духовникот поучува по примерот на Христос

На промоцијата присуствуваше и проф. д-р Ратомир Гроздановски, кој немаше свое обраќање пред гостите, но ќе пренесеме дел од неговото „Сведоштво наместо предговор“, објавено во првиот том од изданието.

Гроздановски ќе истакне дека епископ Антаниски Партениј е „недостижен неимар на духовно и душевно градителство. Гради велелепни духовни центри монашки и прекрасни души христијански“.

„По примерот на Пастироначалникот наш Господ Исус Христос и дедо Партениј-Преосвештениот владика епископ Антаниски ги носи своите духовни чеда на рамена оти е грижлив пастироначалник, отец и духовник кој си ја полага душата за своите чеда духовни. Непрестајно, самопрегорно и посветено ги води кон спасение и вечен живот преку својот личен пример: со збор и со дело-со поуки и со дејности, во евангелска складност и сообразност на зборовите и делата-на она што го збори и твори. И сето тоа, тој го говори и прави пред нив и заедно со нив.

Таков е евангелскиот образец на духовната просветеност, посветеност и преданост на Бога и на луѓето за спасение и живот вечен, оти само преку другите и со другите се спасуваме и ние и тие-оти спасението е взаемно дело на љубовта! А народот најдобро знае да почувствува и да препознае кога духовникот-пастироначалникот ги поучува Христоподобно: и со збор и со дело, со личен пример во животот, па затоа доаѓа кај него и врви по него,“ пишува меѓудругото Гроздановски.

Образложувајќи зошто е духовен неимар на манастирско велелепие и монаштво, Гроздановски вели дека тоа е најочигледно видливо на убоста од манастирските градби и надградби:

„Тој направи три монашки велеграда која ја красат Македонската православна црква-Охридска архиепископија во нашата Татковина Македонија и во Православието, во сето христијанство и по целиот свет. Тие велелепни монашки центри се наш македонски украс и на земјата и на небото.

Три земнонебесни населби за вознес, радост и спасение на македонското монаштво и македонскиот христољубив народ.Тој ги воскресна нив од духовното и безмонашко мртвило во манастирите и сега силно светат со воскресенскиот сјај на светоста, со молитвеноста, со духовниот живот и со нашата македонска преродба за вечноста-во спасоносна радост и велелепие.“

Епископ антаниски г. Партениј во својот говор пред присутните рече дека „се чувствува крајно недостоен, но и бескрајно благодарен.“

„Му благодариме на Бога што ни даде да испишеме едно поглавје во историјата на нашето монаштво, кое сведочи за живото дејство на Светиот Дух во Црквата. Често повторувам, и ќе го кажам и сега: не ние, туку родот на којшто припаѓаме, монашкиот, е Божјата садница во историјата на Црквата. Преку него Господ постојано ја обновува верата, го запалува духот и го чува единството на Црквата.

Монаштвото, низ сите векови, било тивок, но непоколеблив столб на православието. Се сеќавам на деновите во Богословијата, под раководството на нашиот драг професор Ратомир Грозданоски, човек со светол и благ дух, кој не само што нè поучуваше со зборови, туку и со свој живот ни ја сведочеше верата. Тогаш слушавме и читавме за монаштвото, за неговото значење и сила, но не можевме до крај да го разбереме.

Сè остана тајна, сè додека не го здогледав со сопствени очи животот на Света Гора, и сè додека не ја почувствував благодатта на монашкиот подвиг во своето срце. Дури тогаш разбрав колку монаштвото може да направи за Божјиот народ, колку може да преобрази души и да го врати животот и духот во Црквата.

Оти, монаштвото е најблиску до срцето на народот. Тоа не владее, туку служи; не учи со зборови, туку со тивко присуство. И токму преку монашките братства, во нашата Црква се возобнови литургискиот живот, повторно заживеа духовноста и се разгоре љубовта кон Бога,“ рече меѓудругото Епископ Партениј.

Говорејќи за суштината на монашкиот живот, сподели сведоштво  за нивното сведочење на Христос за човечките души.

„Пред неколку, мештаните од Река и Дебар – повеќето од кои се доселија овде токму поради манастирот и монаштвото – посакаа да ме изненадат по повод мојот роденден. Секој од нив напишал по некоја кратка и искрена порака за тоа како го доживува манастирот, и сите беа исполнети со многу љубов и благодарност. Но меѓу сите тие пораки, една ме допре најдлабоко. Едно мало дете од Битуше напиша најкратка, а можеби и најголема порака: „Му благодарам на Бога што Ве запознав Вас, за да Го запознам Него.

Тие зборови ме трогнаа до солзи. Ете, тоа е нашиот императив. Тоа е суштината на монашкиот живот: да им Го сведочиме Христа на човечките души, така што преку нас луѓето да Го препознаат Него. За тоа живеевме до денес. Тоа е смислата на нашето постоење – да Го покажеме Христа во нашето лице, во нашите дела, во нашиот мир и љубов. Се надевам дека барем до некаде успеавме во тоа. Јас, лично, не се чувствувам дека успеав.

Но знам дека моите браќа успеаја, затоа што нивната љубов, нивното послушание и нивната вера го смилостивија Господ да го благослови сето ова што денес го гледаме. Сите тие верници што со години доаѓаат овде, што го љубат ова свето место, се сведоци дека Господ го дарува овој манастир со Својата милост не заради нас, туку заради нивната вера и чистота на срцето.

Но токму затоа, гледајќи ја таа љубов, чувствувам колку е голема одговорноста што ја имаме – да го сочуваме духовниот авторитет што досега е постигнат, да го зачуваме духот на пожртвуваноста и на љубовта, кој е печат на ова братство,“ додаде епископ Антаниски.

Петтомното дело „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“ може да се купи во Бигорски манастир, и е едно вредно историско дело кое и по лик и по дело може да се спореди со една жива Библија.

Фото: Бигорски манастир/еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести