Лилјана Поповска, поранешната пратеничка и претседателка на Демократската обнова за Македонија (ДОМ), вчера поднесе инцијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17. јули 2022 година.
Таа предлага да се донесе одлука за негова ништовност, поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, два члена од Законот за надворешни работи и три члена од Уставот.
Меѓу прекршените членови од Уставот, според Поповска, е и членот 8, кој се однесува на темелните вредности на уставниот поредок, во делот на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Таа меѓудругото смета дека Протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник.
„Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непренципиелни и понижувачки обврски, што задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет“, посочуваа таа и смета дека Протоколот не е правно валиден документ поради најмалку седум правни прекршувања.
Фото: Уставен суд