На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека во Кочани, градежни вештаци од Градежниот факултет, сведоци на Основното јавно обвинителство, меѓу друго посочија дека „Пулс“ била нелегално пренаменета од индустриски објект во дискотека, информација што беше позната уште пред да стартува судењето, а беше спомната и во текот на судењето.
Како што посочија тие пред Судот, но и во направеното градежно вештачење пренамената на објектот била спротивно на урбанистичкиот план, а во објектот имало прегради од гипс-картон и врати кои претставувале директна пречка за евакуација.
Исто така вештак посочи и дека во врска со пренамената на објектот требало да реагира и Општината Кочани преку надлежните служби, кои требало да проверат дали истиот се употребува согласно даденото одобрение за градење и употреба, а ако не, на сопственикот да му наложат да го врати објектот во првобитната состојба.
Фото: Игор Бансколиев














