Распит на 400 сведоци, бројни докази и 46 осомничени: Детали од Обвинителството за истрагата за пожарот во Кочани, која заврши

Како што веќе информиравме, истрагата за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а беа повредени 203, заврши, а од Основното јавно обвинителство Кочани денеска споделија детали за истата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заврши истрагата за пожарот во Кочани, не се знае колку обвинети ќе има

Со истрагата биле опфатени 46 лица, а сите се сомничат за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност„. Засега не е познат бројот на обвинети.

Сега следува период во кој одбраната на осомничените ќе има увид во доказите и ќе може да предложи свои, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Во истрагата учествуваа 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово.

Од местото на трагедијата и други локации се собрани бројни материјални докази и документација, кои биле предмет на вештачење.

-Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица.

Изготвени се градежно и хемиско вештачење, со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот.

Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршеше и графолошко вештачење, посочуваат од Обвинителството.

Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените.

-Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата.

Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција.

Доказите кои се прибрани во текот на оваа истражна постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде Специјализираното одделение до овој момент спроведува истрага против 14 полициски службеници.

Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период со цел целосно испитување на сите факти и околности, велат од Обвинителството.

Од таму посочуваат дека јавнообвинителската одлука за секој од осомничените ќе биде донесена поединечно врз основа на целокупниот доказен материјал.

-Дополнително, доколку од анализата на овие или други докази се утврдат елементи на кривично дело и кај други лица, кои до овој момент не се опфатени со истражната постапка, обвинителството ќе постапува согласно своите надлежности, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Досега на распит биле над 300 сведоци, истрагата за пожарот во Кочани завршува за неколку дена

Осомничен и сопственикот на објектот во кој работела дискотеката „Пулс“ во Кочани: Истрагата за пожарот се проширува

Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК, запеа за првпат по пожарот во Кочани

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести