Поддршката за членството на Македонија во Европската унија (ЕУ) значително се зголемува во 2025 година, при што јавното мислење покажува јасни знаци на намалена апатија и посозреано разбирање на европската интеграција како процес на реформи и усогласување со европските стандарди, покажуваат резултатите од најновите истражувања на јавното мислење спроведени од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, презентирани денеска во Собранието.
„71% од граѓаните би гласале за членство во ЕУ, доколку одлуката би се носела следната седмица, што претставува зголемување од речиси 10 проценти во споредба со претходната година. Истовремено, забележлив е пад на бројот на неопределени и апатични граѓани, што укажува на поголема јавна ангажираност околу европската агенда.
Особено значајна промена се забележува кај етничките Македонци, каде поддршката за членството во ЕУ достигнува 71%, што е пораст од 15 проценти во однос на 2024 година. Со тоа се намалува долгогодишниот јаз во поддршката меѓу двете најголеми етнички заедници, додека поддршката кај етничките Албанци останува висока.
Паралелно со растот на поддршката, се менува и перцепцијата за самиот процес на европска интеграција. Во 2025 година, 51% од испитаниците го гледаат процесот на преговори со ЕУ првенствено како усогласување со законодавството и стандардите на Унијата, наспроти 33% во 2024 година, што претставува значително зголемување и укажува на посозреано разбирање на природата на евроинтеграцијата,“ се вели во соопштението.
И покрај овие поместувања, ставовите околу уставните измени потребни за продолжување на преговорите остануваат релативно стабилни.
„Во 2025 година, 24% од граѓаните ја поддржуваат оваа опција, при што и понатаму постојат изразени разлики меѓу етничките заедници – 57% од етничките Албанци, наспроти 11% од етничките Македонци. Овие наоди укажуваат дека, иако јавната поддршка за членството во ЕУ расте, само четвртина од граѓаните подржуваат отклучување на процесот преку исполнувањето на условот за уставни измени.
Истовремено, дел од граѓаните изразуваат умерен оптимизам во однос на подготвеноста на државата за членство во ЕУ. Во 2025 година, околу 62% од испитаниците сметаат дека во изминатата година е остварен барем одреден напредок во процесот на европска интеграција, додека 40% оценуваат дека државата е подготвена за членство во ЕУ.
Во поширок надворешно-политички контекст, Европската унија и понатаму се перципира како еден од најважниот и најдоверливиот сојузник, донатор и економски партнер, додека пак Соединетите Американски Држави остануваат факторот со најголемо влијание. Овие перцепции остануваат стабилни и во услови на зголемени глобални неизвесности,“ се додава во соопштението.
Овие наоди се дел од истражувања на јавното мислење спроведени на национално репрезентативен примерок од 1.003 испитаници, во периодот од 22 октомври до 5. ноември 2025 година.
Фото: Игор Бансколиев













