Реакциите за предлогот за избор на нов Митрополит на Дебарско-кичевската епархија не стивнуваат, имајќи предвид дека народот од тој крај за нивен духовен водач, го бара Епископ Антаниски Партениј, кој што беше и заменик на упокоениот Митрополит Тимотеј.
Граѓаните, за денеска во 18 часот најавија протест во Охрид, а за утре во 12 часот во Скопје. Бараат, да се слушне нивниот глас, дека тие имаат свој кандидат, поаѓајќи од фактот дека Црквата е народот.
„Под оваа невидлива пламена грпка, длабоко, подло, иритантно, сфаќајќи го занесот на коварствата, се движиме во обратен правец од логиката, фаќаме залет и влегуваме во борба со пламениот лак на нашето време. Се презира успехот, се заборава подвигот, се ожалостува скромната секојдневна нужност и барање на верниот народ и свесно се оди против неговата желба.
Се прашувам зошто скромниот и добар професор Ѓоко Ѓорѓевски е наседнат како процеден производ и некои се обидуваат да го замрсат во лавиринтот на властољубието. Скромниот монашки чин што го примил пред неколку дена – верувам со радост, некои веднаш како пилешки батаци му го напумпаа со јероѓаконски, јеромонашки и митрополитска инјекција.
Џиновскиот безличен левијатан во црковната ерархија ни го даде вистинското лице на своите намери и коварства, а својата бижутерија му ја потчинија на еден скромен човек. Со други зборови, пронајдоа уште едно повисоко оправдување, уште подобро и позатворено да живеат и работат спроти интересите на својот народ и црква. Го исполнија својот долг кон идолите!
Не сфаќам една работа, имате предлог и велите ќе има избор! Избор! Меѓутоа, за да има избор треба да предложите повеќе кандидати!? Избор со еден кандидат е парадокс! Зошто толку лесно како валкана риса го исфрливте целото монашто искуство и добротвор што 30 години го градел за нашата земја и народ еден епископ каков што е Партениј, кој впрочем беше и заменик владика на оваа епархија.
Зарем немаме монаштво што толку брзо увезивте невин човек, та грепкате со раце, касајќи си ги усните, искачувајќи се над толпата викате: распни ги, распни најдобрите!
Мојот Бог – Христос, полн е цврстина, дава правда и безмилосно го избира подобриот. Не се потресува, не води грижа за идолите, ниту за вашите лукавства. Сето тоа го љуби во еден миг, па го дроби засекогаш и одминува.
И уште нешто, како можете да одите против волјата на верниците. Црквата сме ние. Овчарот без овци е скитник со стап! Внимавајте, влегувате во опасност, се препирате со живата црква и одново бескомпромисно сте аутистични на нашата волја.
На професорот Ѓоко кој прими монашки чин му честитам и го молам Бога да го просветли – а тој има капацитет, да го погледне клопчето од мрак што го положуваат врз неговата глава.
Накрај, кога владиците грешат, Бог е во „опасност“, затоа не е чиста добрина со скрстени раце да ја чекаме правдата. Каква вредност би имал нашиот живот ако патуваме од една во друга темнина, а тоа веќе ни се случува повеќе од 30 години,“ пишува магистер Влатко Деловски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мирен народен собир поради начинот на избор на нов Митрополит на Дебарско-кичевската епархија
Фото: еМагазин.мк