Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против скопјанецот Раде Трајковски-Штекли и неговата криминална група.
Обвинението е за десет лица, а тие се обвинети за продажба на кокаин и марихуана, кои ги продавале најчесто по локали.
Според Обвинителството тие во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година се здружиле во криминална група која на територијата на Град Скопје се занимавала со продажба на дрога.
Групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата.
Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на нарко-пазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана.
Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот, кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи.
Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признале вината и се спогодиле со Обвинителството и добиле затворски казни.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор и мерката куќен притвор за обвинетите, информираа од Обвинителството.