Што бараат бугарските и грчките европратеници да биде вметнато во извештајот на ЕП за Македонија

За разлика од европратеници од Холандија, Австрија, Германија, Романија, Естонија, Хрватска и Литванија, кои со амандмани бараат во Предлог-извештајот на известувачот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, да биде вметнат и македонскиот јазик и идентитет, европратениците од нашите соседи, Бугарија и Грција, бараат сосема други работи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои европратеници бараат македонскиот идентитет и јазик да бидат вметнати во Извештајот на ЕП за Македонија

На 4. јуни кога ќе се расправа за Извештајот ќе биде појасно дали македонскиот идентитет и јазик ќе станат дел од истиот. Извештајот треба да се гласа во јули.

Амандманите и Извештајот се гласат со мнозинство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонците ги нема, а кои малцинства ги има во бугарскиот владин Комитет

Што бараат бугарските и грчките европратеници

За Извештајот за Македонија се поднесени дури 313 амандмани, најголем дел токму од бугарски и грчки европратеници.

Па така, европратениците Емануил Фрагос и Галато Александрики од екстремно десничарската и националистичка партија Грчко решение, предлагаат „Замена на зборовите „Република Северна Македонија“ со зборот „Скопје“ во текстот на целата Резолуција“.

Тие бараат и прекин на преговорите со Македонија, со замена на член кој гласи: „Ја повторува важноста од прекин на пристапните преговори со Скопје“.

Предлагаат и свој член кој според нив, би требало да гласи: „Забележува дека зборовите „Македонија“, „македонски“ и нивните деривати се дел од грчката историја повеќе од два милениуми“.

Треба да се спомене дека прекин на преговорите со Македонија бараат и француски европратеници од десничарскиот Национален собир на Марин ле Пен, кои предлагаат замена на член со текстот: „Цврсто ја отфрла желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ, како и секое понатамошно проширување на ЕУ, бидејќи земјите кандидати, особено од Западниот Балкан се уште се далеку од исполнувањето на критериумите за политичка, економска и социјална стабилност наведени во Копенхашките критериуми, со постојана политичка нестабилност, широко распространета корупција и постојан организиран криминал. што претставува значителен ризик за сигурноста и безбедноста на европските граѓани“.

Кај амандманите на бугарските европратеници доминира наметнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија, уставните измени и протколите кои станаа дел од преговарачката рамка за Македонија.

Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од партијата Има таков народ предлага во воведниот дел на Извештајот да стои: „Имајќи ги предвид заклучоците на Европскиот совет од 19-20 јуни 2003 година, вклучително и неговиот анекс насловен „Солунската агенда за Западен Балкан: Движење кон европска интеграција“, да се додаде алинеја која би гласела: „Имајќи го предвид Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, потпишан на 1 август 2017 година и ратификуван во јануари 2018 година“.

Тој предлага и измена член кој би гласел: „Ги признава аспирациите на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ и целосно го поддржува продолжувањето на нејзиниот пристапен процес, штом се исполнат неопходните претходно договорени реформи и услови“.

Предлага и измена на алинеи од Извештајот, кои според него треба да гласаат: „Имајќи ги предвид заклучоците на Европскиот совет од 18 јули 2022 година“, како и: „Имајќи го предвид Протоколот од втората седница на Мешовитата меѓувладина комисија формирана според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедски односи и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија одржан на 17. јули 2022 година“.

Друг бугарски европратеник од националистичка партија Преродба, Станислав Стојанов предлага замена на точка од Извештајот. Таа наместо: „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ доведоа до значителен напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, според него, би требало да гласи: „Со оглед на тоа што аспирациите на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од ЕУ продолжуваат да доживуваат назадување поради недоволната политичка волја на земјата да ги спроведе договорените обврски“.

Измена на оваа точка предлага и Валчев со чиј амандман се предвидува наместо: „додека процесот на пристапување продолжува да доживува блокади од различни неоправдани причини“, да стои: „додека процесот на пристапување во ЕУ продолжува да се соочува со пречки поради непријателската реторика на политичкото раководство во земјата и недостигот на политичка волја за преземање и спроведување на потребните реформи потребни за продолжување на процесот“.

Валчев има поднесено и амандман за додавање точка која би гласела: „Со оглед на тоа што изнаоѓањето заеднички наратив за заедничката историја е неопходната основа врз која Бугарија и Северна Македонија треба да ги градат своите односи, и дека односот меѓу идните генерации на Северна Македонија и Бугарија ќе биде одраз на образовните процеси во двете земји“.

Бугарските европратеници со амандмани дури и забележуваат на Македонија и за подршката на алтернативна резолуција предводена од САД за Украина, играјќи на картата дека Македонија не е усогласена со надворешната политика на Европската унија.

Очекувано бугарските европратеници бараат и изгласување на уставните измени.

Валчев предлага точка од Извештајот да гласи: „Со оглед на тоа што од Северна Македонија се бара да ги усвои неспроведените уставни измени, вклучувајќи го и признавањето и вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот како официјална етничка група, со цел да се олесни брзиот почеток на пристапните преговори“, а неговиот колега европратеникот Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија: „Со оглед на тоа што Северна Македонија треба да постигне видливи резултати во исполнувањето на своите обврски од Преговарачката рамка на ЕУ и заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, вклучително и да ги усвои неспроведените уставни измени, за да може брзо да започнат пристапните преговори“.

Валчев предлага и дополнителна точка која според него би требало да гласи: „Со оглед на тоа што во моментов пристапниот процес и неговото темпо целосно зависат од македонската Влада и од Собранието“.

Нова точка предлага и кипарскиот пратеник Јоргос Георгиу од левичарската Прогресивна партија на работниот народ: „Со оглед на тоа што од секоја земја кандидат за членство се очекува да ги почитува демократските вредности, владеењето на правото и човековите права и да го почитува правото на ЕУ“.

Ковачев, исто така, предлага нова точка: „Со оглед на тоа што Владата на Република Северна Македонија се согласи дека следната Меѓувладина конференција со ЕУ за затворање на фазата на стартот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ ќе се одржи по влегувањето во сила на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија со кои ќе се вклучат и оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и преку Уставниот закон за нивна имплементација, како што е наведено во Вториот протокол на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија“, но и Д-б: „Со оглед на тоа што Владата на Република Северна Македонија, согласно член 11 став 5 од Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, ја потврди заложбата дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да се заштитат статусот и правата на лицата кои не се државјани на Република Северна Македонија“.

Неколкумина бугарски европратеници предлагаат вметнување на содржини со кои се споменува потребата од „внесување на Бугарите во Уставот“ и „почитување на правата на припадниците на бугарското малцинство“, додека Грците Фрагос и Александрики бараат целосна замена на член со текстот: „Забележува дека Скопје, на ниту еден начин, не ги презел неопходните чекори за пристапување кон ЕУ и усогласување со европската надворешна политика; повикува на итен прекин на пристапните преговори“.

Целосна замена на член предлагаат и тројца пратеници од француската екстремна десница, кои сметаат дека тој треба да гласи: „Предупредува на слепото промовирање на мултикултурализмот во Северна Македонија што би придонело за фрагментација на земјата со овозможување на пограничните малцинства да се поврзуваат со нивната татковина; повторува дека унитарната форма на „северномакедонска држава“ мора да остане неспорна“.

Со заеднички амандман на девет бугарски европратеници од различни политички партии и на Томислав Сокол од хрватската ХДЗ, се предлага вметнување на нов член кој би гласел: „Потсетува дека Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција со ЕУ за затворање на фазата на старт на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ ќе се одржи по стапувањето во сила на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија со кои ќе се вклучат и оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, вклучително и на Уставниот закон, согласно внатрешната процедура за спроведување на Уставот“.

Дополнително бугарските европратеници предлагаат и амандмани во Извештајот кои се однесуваат на „зголемена дискриминација на граѓаните на Северна Македонија кои се идентификуваат како Бугари“, како и на регистрирањето на бугарски здруженија во земјава и создавањето „климата на непријателство кон Бугарија“ и ширењето „говорот на омраза кон бугарската заедница“.

Со заеднички амандман на бугарски, хрватски и чешки пратеници од редовите на десницата се предлага и член: „Изразува длабока загриженост за т.н. проект „Српски свет“ и поради тоа што претставници на Владата на Северна Македонија отворено се залагаат, промовираат и работат на имплементација на овој концепт; го осудува тоа што во јануари 2025 година на денот на Свети Сава во Скопје во присуство на владини претставници на Србија, Република Српска од БиХ и Северна Македонија се одржа состанок за промовирање на тој концепт; го осудува учеството на Владата на Северна Македонија на „Сесрпското собрание“ под слоганот „Еден народ, едно собрание“ во Белград на 8. јуни 2024 година и присуството на вицепремиерот Иван Стоилковиќ на „Комеморативниот собир за жртвите на НАТО“ во Белград на 25. март; го осудува учеството на состаноци кои се обидуваат да воспостават сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на земјата и стабилноста на регионот“.

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести