На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната на обвинетиот Шофкет Хазари, поранешен државен советник во Министерството за економија, кое е надлежно за издавање лиценца за работа на угостителски објект, кажа дека обвинението против него содржи хронолошки апсурди.
Неговиот адвокат Петре Шилегов во воведните зборови нагласи дека органите за прогон треба да објаснат како е можно Хазари, во периодот од 2013 до 2019 година, да се согласил со настан што се случил во март 2025 година.
Според Основното јавно обвинителството, Хазари, дал согласност за една лиценца за „Пулс“ и извршил проверка на уште три барања за лиценца.
-Она што не е јасно во обвинителниот акт е како со овие дејствија од 2013 до 2019 година Хазари го предизвикал пожарот на 16. март 2025 година, рече меѓу друго Шилегов, подвлекувајќи дека работата на Хазари била да утврди дали целокупната документација е во предметот или не е, ако е во предметот, должен е да потпише дека проверил.
Обвинетиот Зоран Николовски, поранешен службеник во Министерството за економија, во секторот за туризам, пак во воведниот збор рече дека по закон не бил надлежен да врши контрола дали угостителските објекти ги исполнуваат условите, туку само да ги проверат документите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Рече дека така постапил и кога првпат било одбиено барањето за т.н. дискотека/кабаре во 2013 година поради непотполна документација, како и по еден месец, кога била издадена лиценца по поднесени целосни документи што ги барал законот, а посочи и дека воопшто не знаел за т.н. дискотека/кабаре „Пулс“.
Според неговиот адвокат Еленко Миланов, оваа лиценца, била со рок од една година и не била пренослива, па не може да знае какви ќе бидат условите во т.н. дискотека/кабаре во 2025 година, а посочи и дека лиценцата од 25.11.2013 година била контролирана од Лилјана Илиевска и Николовски, но за Илиевска истрагата била запрена.
Одбраната пак на двајцата обвинети поранешни службеници во Министерство за економија, Беким Хаџиу и Арлинда Касапи, кажа дека тие немале ниту технички, ниту инспекциски, ниту безбедносни надлежности.
Нивната адвокатка Софија Лаличиќ меѓу друго во воведниот збор рече дека во описот на работата на нејзините клиенти не било да проверуваат кабли, инсталација, противпожарни апарати, безбедносни излези, туку да извршат обработка на докумените што доаѓале во Министерството за економија од други надлежни институции.
Според нејзе тие немале законско право да вршат надзор и контрола во угостителските објекти, ниту, пак, да му наредат на ДПИ да изврши вонреден надзор.
Адвокатот на обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ, поранешен државен секретар во Министерството за економија, Гоце Ристовски, пак меѓу друго, кажа дека таа во времето на настанувањето на пожарот во „Пулс”, не била повеќе државен советник, туку раководител на Секторот за човечки ресурси.
Таа пак кажа дека не можела да го изврши делото за кое се терети – “тешки дела против општата сигурност“, како и дека не потпишала согласност со која на „Пулс“ му се овозможува да работи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Џеваир Камбери, обвинетиот за трагедијата во Кочани излегол од притвор во „Шутка“
Инспекторите на ДПИ не направиле пропусти во надзорот на „Пулс“, тврди нивната одбрана
Фото: Игор Бансколиев













