Стартуваше аплицирањето за ваучери од 15.300 денари за набавка на електронски уреди за студентите

Денеска стартуваше аплицирањето за добивање на ваучери од 15.300 денари за студентите за набавка на електронски уреди: преносен компјутер (лаптоп или All-in-One), таблет или персонален компјутер.

Апликации се поднесуваат електронски преку порталот uslugi.gov.mk до 20. декември 2025 и/или до исцрпување на ваучерите.

Подигањето на уредите може да се изврши до 31. декември.

Право на аплицирање имаат сите студенти на прв циклус студии кои се државјани на Македонија, запишани (редовно или вонредно) во учебната 2025/2026 година на државни или приватни високообразовни установи во земјата и кои не се постари од 29 години на денот на објавување на повикот.

Ако студентите при аплицирањето видат дека не се во евиденцијата на Министерството за образование и наука (МОН), ќе добијат известување и линк кон посебната услуга: „Јавен повик за доделување на вредносен ваучер за набавка на електронски уред за студенти кои не се во евиденција на МОН“, каде што треба да продолжат со апликацијата до 20. декември.

„Во овој случај, студентот е должен да прикачи потврда за редовен/вонреден студент, издадена од високобразовната установа во која е запишан. По успешно комплетирање на апликацијата, системот генерира Вредносен ваучер. Со ваучерот, документ за идентификација и потпишана Изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор најдоцна до 31 декември“, информираа од МОН.

Треба да бидат доделени 55.000 ваучери.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести