Стојанче Ангелов стана директор на Дирекцијата за заштита и спасување

Досегашниот директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов е поставен за нов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Тој информираше дека одлуката е донесена по претходен договор со премиерот Христијан Мицкоски.

„Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор.

Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност.

Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.

Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин.

Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана,“ напиша Ангелов на Фејсбук.

Тој додаде дека со вработените ќе се обидат да ги надминат детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција.

Премиерот Мицкоски најави спојување на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мухамет Али е нов директор на Центарот за управување со кризи

Фото: Фејсбук/Ангелов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести