Добивката пред оданочување и исправка на вредност на Стопанска банка АД Скопје во првите девет месеци од годинава изнесува 4.305.324 илјади денари, што е 7% повеќе споредено со истиот период од претходната година, соопшти Банката преку Македонската берза.
-Согласно стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари, што е за 4% повеќе споредено со минатата година, која покрај исправката за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења.
Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик, велат од таму.
Нето-приходите од камати изнесуваат 4.132.751 илјади денари и се намалени за 11% во однос на истиот период од минатата година како резултат на намалените каматни стапки, посочуваат од таму.
-Притоа најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност).
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 589.267 илјади денари и се намалени за 9% во однос на истиот период од минатата година, како резултат на зголемените расходи од провизии кои ги наплатуваат добавувачите на соодветните сервиси и истовремено намалување на провизиите кај одредени сервиси во интерес на клиентите, велат од таму.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 149.514 илјади денари и се зголемени за 28% споредено со истиот период од минатата година како резултат на зголемениот обем на активности, велат од Банката.
-Останатите приходи од дејноста изнесуваат 1.394.413 илјади денари, главно како резултат на продажба на портфолио на отпишани кредити на население.
И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 805.319 илјади денари и 962.439 илјади денари, респективно и се малку повисоки во однос на истиот период од претходната година.
Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управувањето со кредитниот ризик се едни од приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на третиот квартал од 2025 година, Банката издвои исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари.
Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и исправката на вредноста изнесува 4.305.324 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари и е за 8% повисока во однос на истиот период минатата година, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како работела Стопанска банка Скопје во првото полугодие
Димитра Доима именувана за член на НО на Стопанска банка Скопје
Мирјана Трајановска именувана за член на УО на Стопанска банка Скопје














