На денешната лидерска средба на која учестуваа премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која ја иницираше истата, генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Биљал Касами, од коалицијата Вреди, лидерот на Левица, Димитар Апасиев и на ДУИ, Али Ахмети, генерално сите се согласиле за укинување на техничката влада, информираше Мицкоски.
Како што кажа по средбата, ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на техничката влада, таа може да важи и за следните избори, па потоа да се укине, посочувајќи дека сепак ќе треба да се направат измени во Законот за Влада, бидејќи има промена во ресорите.
Подвлече и дека за укинувањето на техничката влада е потребно просто мнозинство.
Тој рече и дека присутните нашле своевиден компромис за Законот за прекршоците, од кој зависи стартот на казнувањето со електронскиот систем “Безбеден град“, кое треба да почне од 1. февруари, а за кој е потребно двотретинско мнозинство.
Апасиев, средбата ја отцени како изненадувачки, конструктивна. Според него начелно било договорено до јуни да се донесе нов Изборен законик. Меѓу друго рече и дека за економските теми, како минималната плата, ставовите на Левица, не наишле на разбирање.
Се разговарало и за избор на нов Народен правобранител, а од Левица предложиле за оваа позиција да биде избран припадник на ромската заедница, оти таа била најмногу дискриминирана.
Касами, по средбата, меѓу друго кажа дека колицијата Вреди предложила со измените на Изборниот законик да се изнајде можност и за поголемо учество на дијаспората во гласањето.
Пратеникот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, по средбата меѓу друго рече дека неговата партија е за предлогот решение со една изборна единица, како и прецизно да се регулира финансирњето на политичките партии, особено оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспарентност.
И ДУИ биле за една изборна единица со праг од 5% и со отворени листи, кажа Ахмети по средбата, а за укинувањето на техничката влада партијата смета дека земјата дополнително требало да се консултира со Европската унија и САД.

На средбата немаше преставник на СДСМ.
Фото: Мицкоски/Фејсбук












