Делото за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје, од „предизвикување општа опасност“ е преквалификувано во поблаго „загрозување на безбедноста во сообраќајот“, соопшти обвинителот Александар Марковски.
Со ова преквалификување се предвидува казна до една година затвор или парична казна, а претходното дело предвидуваше затвор до три години.
Јованов денеска не се појави на првото рочиштето во Основниот кривичен суд, иако од таму истакнаа дека уредно бил поканет два пати, но поканите се вратиле како неуредни.
Зоран Јованов е обвинет дека му дал автомобил на неговиот син, иако Васил немал положено возачки испит.
Следното рочиште е закажано за 10. септември.