Американскиот претседател Доналд Трамп предложи план за прекин на огнот во окупираната Газа, Палестина, кој според него е „премногу блиску“ до прекин на конфликтот.
Планот меѓудругото предвидува итен прекин на огнот, размена на сите заложници што ги држи исламистичката милитантна група Хамас за палестински затвореници што ги држи Израел, постепено повлекување на Израел од Газа, разоружување на Хамас и воведување преодна влада предводена од меѓународно тело.
Хамас не беше вклучена во преговорите за планот, а од истата се бара и да го предаде оружјето, барање, што досега го одбиваше.
Како што пренесуваат светските агенции повикувајќи се на извори од Хамас, групата смета дека планот е премногу пристрасен кон Израел и дека истиот кој содржи 20 точки наметнува невозможни услови. Од таму сепак најавуваат дека ќе го разгледаат истиот со добра намера.
И Палестина гледа на планот слично. Тамошните функционери сметаат дека планот предвидува усвојување на сите израелски услови, кои не му даваат на палестинскиот народ или на жителите на Појасот Газа никакви легитимни права.
Од друга страна пак Трамп ја предупреди групата дека ако го отфрли планот, Израел ќе добие целосна поддршка од САД да преземе каква било акција што ќе ја смета за неопходна.
Планот за прекин на огнот беше глобално поздравен, како и од арапските земји.
Фото: Унсплеш