Кариерата на една жена ретко е права линија. Таа е пат исполнет со одлуки, предизвици, постојана амбиција и длабока лична посветеност. Во свет каде што динамиката е постојана, жената лидер секојдневно го балансира професионалниот развој со личните вредности, останувајќи верна на себе и на визијата што ја гради. Во ова интервју, шест жени директорки во Триглав Осигурување Живот АД Скопје зборуваат за својата професионална приказна, за внатрешната сила што ги води напред и за тоа зошто веруваат дека вистинскиот успех се гради со посветеност, тимска работа, поддршка и доверба.
На прашањето што ја води жената лидер во секојдневната работа и во носењето одлуки, сите соговорнички се согласуваат дека лидерството бара јасна визија, интегритет, храброст и емпатија. Одлуките што ги носат се резултат на анализа, искуство и разбирање на луѓето.

„Во секојдневната работа се водам од принципот дека лидерството не значи само да се донесе одлука, туку да се изгради доверба и кај тимот и кај клиентите. Жените лидери често носат дополнителна вредност во бизнисот преку емпатијата и способноста да ги разберат различните перспективи, што е исклучително важно во работењето со луѓе“, вели Сања Мерџановска, директорка на Сектор за поддршка на продажба.

Директорката на Служба за правни и корпоративни работи и усогласеност на работењето Ивана Шумковска истакнува дека жената лидер поседува самодоверба, аналитичност и способност за носење одлуки во комплексни деловни ситуации.
„А, принципите на транспарентност, правна сигурност, етичко работење и градење доверба се темел на секоја долгорочна соработка. Доследноста во работењето и почитувањето на професионалните стандарди се клучни за градење долгорочни и стабилни деловни односи,“ дополнува Шумковска.
Иако лидерството често се поврзува со позиција и формална моќ, тие се согласуваат дека суштината е многу подлабока.

„Иако зборот лидер е во машки род, има подеднакво значење и за жена-лидер и за маж-лидер. Жената лидер секогаш е храбра, добро комуницира, има способност да ги согледа сите предизвици од различни гледишта, води визионерски и целно. Жената лидер води од срце“, вели Дијана Атовска, директорка на Сектор за унапредување на продажба.

За директорката на Служба за продажба на осигурување на население Катерина Симоновска, лидерството значи храброст и емпатија.
„Емпатијата е голема предност, но исто толку важни се и дисциплината и јасната визија. Во работата секогаш се водам од принципот дека довербата се гради со конзистентност и личен пример,“ дополнува Симоновска.

А, за директорката на Служба за корпоративни клиенти Ивана Шуманова Андев, жената лидер знае да препознае кога најдобрата идеја доаѓа и од некој помлад член на тимот.
„Најсилните тимови се тие каде искуството и младата енергија се надополнуваат, а токму таков е и мојот тим.“, истакнува таа.
Довербата во работењето со клиенти и со тимот како и постојаното учење се од суштинско значење
Довербата е столбот на продажбата, но и на успешната деловна стратегија. Нашите соговорнички се согласуваат дека клиентите и вработените не бараат само производ или насока, туку сигурност и искрен пристап.

„Кога внимателно ги слушаме потребите на клиентите, полесно можеме да понудиме решение кое навистина им одговара. При продажба на животно осигурување, комуникацијата со клиентите е долгорочна и не завршува со продажба на полисата. Затоа е важна довербата што ја градиме со клиентите.“, вели директорката на Сектор за финансии и сметководство, Јана Георгиевска.
Дијана Атовска додава дека клиентите им се најзначајните соработници.
„Ние не продаваме туку создаваме долгорочна сигурност и безбедност за нашите клиенти, нивните семејства и за нивните бизниси,“ додава Атовска.
Во финансискиот свет регулативите, технологијата и очекувањата на клиентите постојано се менуваат. Во тој деловен свет, овие дами постојано го надградуваат своето знаење и стекнуваат нови вештини затоа што мора да ги следат промените и новитетите.
„Во секторот продажба учењето никогаш не престанува. Со постојана едукација и надградба на личните вештини остануваме релевантни како професионалци“, смета Катерина Симоновска.
Според Сања Мерџановска, професионалниот развој не е избор, туку неопходност, и за водачот на тимот и за целиот тим. Таа истакнува дека водачот има обврска да инвестира во личниот развој, но и да поттикнува учење и развој на целиот свој тим.
„Светот на финансиите и осигурувањето се менува брзо со нови технологии, алатки, очекувања од клиентите. Затоа професионалниот развој треба да е комбинација од искуство и континуирано образование зашто на крај вистинската вредност во работата сепак доаѓа од самите нас“, вели Ивана Шуманова Андев.
Лидерството не е резервирано само за мажите
Иако традиционално лидерството долго време беше сметано за „машка улога“, современиот деловен свет покажува дека успехот и способноста за водење немаат пол. Жените сè почесто се наоѓаат на раководни позиции, носејќи подеднакво силен пристап кон лидерството.
Одговорот на нашите соговорнички е јасен – лидерството не се мери по полот, туку по визијата, интегритетот и резултатите.
„Во Македонија, денес само на 25% од управувачките позиции се жени. Зошто е ова така? Можеби стереотипот дека машката фигура значи сила, авторитет, храброст е причината. Но, убедена сум дека жената е исто така способна и сака да ја носи улогата на лидер во една компанија“, смета Дијана Атовска.
Ивана Шумковска е горда што во Триглав Осигурување Живот ја препознаваат вредноста на лидерството во вработениот што создава одржлив и успешен бизнис модел, независно од неговиот пол.
„Се радувам што во последните години има позитивна промена и сѐ повеќе жени заземаат раководни позиции и придонесуваат со својата експертиза“, истакнува таа.
Јана Георгиевска дополнува дека Триглав Осигурување Живот АД Скопје е пример за компанија со голем број жени на раководни позиции и истакнува дека жена стои и на чело на компанијата.
„Ние сме тим на жени кои докажуваат дека умеат да се поддржуваат и заеднички да градат успешна приказна“, заклучува Сања Мерџановска.
Кариера, предизвици, плати, поддршка – што го прави успехот одржлив?
Градењето кариера, особено на раководна позиција, не е едноставен процес. Тоа е пат исполнет со професионални предизвици, лични откажувања, но и со прашања за еднаквост, вреднување на трудот и баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Одговорите на нашите соговорнички покажуваат дека успехот е резултат на повеќе меѓусебно поврзани фактори.
„Жените не бараат посебен третман, туку еднаква шанса. Жените не се помалку вредни од мажите“, категорична е Ивана Шуманова Андев. Таа смета дека поддршката од семејството, пак, е тивката сила која стои зад професионалниот успех на жената.
И Јана Георгиевска се согласува дека професионалниот успех бара време, фокус и енергија и не може да постои без разбирање и поддршката од најблиските.
„ А, во однос на платите сметам дека е секој професионалец во својата област дефинитивно треба да биде вреднуван според резултатите и компетенциите,“ дополнува Георгиевска.
Според Сања Мерџановска, жените можеби имаат дополнителен предизвик во кариерата наречен „предрасуди“, но искрено верува дека сѐ помалку луѓе се заробени во нив, а таа верба ја темели на личното искуство.
„Статистиките покажуваат дека родовиот јаз во платите сè уште постои во одредени индустрии, но истовремено се прават значајни чекори за негово намалување и сметам дека во овој дел свеста сигурно расте“, истакнува таа.
И Ивана Шумковска се залага за транспарентен систем при вреднување на работата, јасни критериуми за напредување и корпоративна култура која ги препознава знаењето, резултатите и професионалниот интегритет како основни параметри за успех.
Баланс во приватниот живот и кариерата – мит или реалност?
Рамнотежата помеѓу професионалните обврски и приватниот живот често се споменува како идеал, но во реалноста тој ретко е совршен и траен. Особено кај жените на раководни позиции, каде одговорноста и динамиката се секојдневие. Прашањето не е дали постои баланс, туку како тој се гради и одржува со текот на времето.
„Преку внимателно планирање на обврските и јасно поставување на приоритетите. Клучот е во добрата организација и поставувањето јасни приоритети. Мојата позиција бара висока посветеност и одговорност, но сметам дека и квалитетното време со семејството и личната благосостојба се од суштинско значење за долгорочна професионална ефикасност и стабилност“, вели Ивана Шумковска.
За Катерина Симоновска балансот почнува од дома.
„Семејството ми е најголемата поддршка, а мирот во домот е непроценливо богатство. Кога го имам тоа, имам енергија и мотивација за сите професионални предизвици,“ додава таа.
Дијана Атовска пак, жали што денот нема повеќе часови, за да успее да постигне сѐ што сака затоа што ѝ е многу важна присутноста и посветеноста на она што во моментот го прави.
„Сепак моето златно правило е: не ја носи работата дома и не ги носи приватните работи во канцеларија“, вели Атовска.
Според Ивана Шуманова Андев, многу е важно да знаеш кога да бидеш посветен на работата, а кога на семејството и на времето за себе.
„Со годините доаѓа и зрелоста, која покажува дека вистинскиот успех се мери со професионалните резултати и со квалитетот на животот,“ додава таа.
Сите се согласуваат дека семејството е вредност што се негува и во Триглав Осигурување Живот АД Скопје, не само кога станува збор за вработените, туку и за клиентите. Според нив, не постои совршена формула ниту за успех, ниту за баланс. Но, со искрен личен пристап, со поддршка од најблиските и со капацитет да се постават приоритети и кариерата и приватниот живот функционираат беспрекорно на долг рок.
„Жените лидери всушност покажуваат дека кариерата и семејството не се спротивставени, туку можат да се надополнуваат, и токму тоа е една од најголемите промени што современото лидерство ги носи“, порачува тимот на Триглав Осигурување Живот АД Скопје.














