Од Уставниот суд информираа дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, Бугарија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Како што е познато подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска. Според нејзе со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Таа бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право (1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.
Според наведеното во иницијативата Протоколот е во спротивност со Уставот, бидејќи не е ратификуван во Собранието, не е објавен во дадениот уставен рок во Службен весник.
Според Поповска, Протоколот, е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување.
Во иницијативата е наведено и дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија.
Во истата се тврди и дека за разлика на процедурата спроведена во Македонија која ја оценува како нетранспарентна и со пропусти, бугарската собраниска Комисија за текстот на Протоколот дискутирала уште на 23.06.2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат Протоколот, а потоа на седница на 24.06.2022 година го усвоила целиот пакет од т.н. француски предлог за почеток на преговорите со Македонија со имплицитно вградениот Протокол.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Протоколот со Бугарија заврши пред Уставен суд
Фото: Уставен суд