Синоќа во пожар целосно изгоре автомобилот на поранешниот директор на скопската Зоолошка и претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје, Ѓорѓи Галетановски.
Информацијата на социјалните мрежи ја соопшти самиот, а на Фејсбук напиша дека не бил скаран со никого, дека никој не му се заканувал и дека на никој не наштетил.
Информацијата ја потврдија и од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде информираа и дека се работи за возило “бмв“, но и дека од пожарот биле зафатени и оштетени уште две возила паркирани во близина.
Галетановски информираше и дека противпожарната служба реагирала брзо и спречила огнот да ги зафати околните куќи во скопската населба Кисела Вода.
„Апелирам до министерот и до Министерството за внатрешни работи најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, туку поради мирен живот во Скопје и цела држава. Има и ‘сејф сити’ и камери наоколу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, напиша тој.
Од СДСМ го осудија инцидентот и побараа МВР и сите надлежни институции веднаш да преземат мерки за случајот целосно да се расчисти и сторителите да одговараат.
Видео: Скопје 1/фото: Фејсбук/Галетановски