56-годишен маж со трпезариска столица ја удрил партнерката, ја влечел кон тераса со закани дека ќе ја фрли, па ја силувал: Ужасни детали од Обвинителство за насилство во Битола

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка. Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди.

И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија.

Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Притоа особено се ценеше опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.

Фото/Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести