Ослободителни пресуди за Кешишев, Манев, Видевски и Ѓорчевски за убиствoто на Вања и Панче, бара одбраната

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје за убиството и грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, одбраната во завршните зборови побара ослободителни пресуди за кривичното дело – убиство за обвинетите Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.

Бранителот на Кешишев, Игор Ефремов побара ослободителна пресуда за него, бидејќи според него, тој не само што не учествувал во убиствата, туку ниту знаел и ниту имал намера тоа да се случи. Евентуална вина можел да сноси само за грабнувањето на Ѓорчевска, а при донесувањето на пресудата, порача Судот да го земал предвид и фактот дека тој за тоа изразил каење.

-Бараме од судот, при донесувањето на одлука за обвинетиот Кешишев, особено да го има во предвид фактот дека да не беше каењето и товарот на совеста на обвинетиот, немаше да бидат пронајдени ниту телата на убиените, односно со негов особен придонес при распитот пред полициските службеници го посочил местото на закопувањето на оштетените, посочи меѓудругото Ефремов, подвлекувајќи дека неговиот клиент се плашел од првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо и дека тој бил цело време на располагање на истрагата и со неговата соработка значително придонел кон расветлување на случајот.

За бранителот на Ѓорчевски, Владимир Туфегчиќ, обвинението против него е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на Обвинителството и побара негово ослободување.

– Александар поради бруталното убиство на неговото дете и тешките последици за него и за неговото семејство, од овој суд не бара милост или одлука поради сожалување и емпатија кон него. Александар бара праведна судска одлука со која ќе бидат казнети сторителите, судска одлука со која ќе ги дознае мотивите и вистинските причини за овој монструозен чин и одговор на прашањето, зошто токму тој и неговото семејство се одбрани да бидат до крајот на животот осудени да живеат со огромна празнина, тага и болка, рече меѓудругото Туфегчиќ, посочувајќи и дека Обвинителството во текот на постапката се обидело со провокативни и навредливи прашања да ја дискредитира личноста на таткото за да докаже дека таткото Александар имал мотив да учествува во грабнувањето на сопственото дете, бидејќи според тезата на Обвинителството бил неработник, нарко зависник, кој има хронични долгови и е недостојна личност да биде татко.

Бранителот на Манев, Горан Бошевски, исто така побара ослободителна пресуда за својот клиент за делото убиство, а осудителна за делото грабнување. Според него не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривични дела.

-Нема претходен договор со другите обвинети за извршување кривично дело убиство, нема умисла за извршување таков вид кривични дела, а инкриминираните дејствија кои ги презел при кривичните дела грабнување немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на кривичните дела убиство.

Во неговите дејствија нема елементи од законското битие за кривичното дело убиство и нема каузалитет помеѓу преземените дејствија, поради што по однос на овие кривични дела предлагам Судот да донесе ослободителна пресуда, рече тој меѓудругото.

Бранителот на Видевски, Бојан Манев, рече дека Обвинителството со ниту еден доказ не го докажало учеството на неговиот клиент во кривично-правните настани.

-Барам ослободителна пресуда за обвинетиот Боре Видевски, бидејќи Обвинителството буквално со ништо не го докажа неговото учество во кривично-правните настани, најмногу затоа што тој во ниту еден случај не учествувал во вакви монструозни работи, затоа што е човек со морален интегритет и затоа што нема никаква врска со овие убиства, туку сам по себе е жртва на овој систем, на оваа буквална монтировка, на која ќе ѝ дојде крајот со изрекувањето на пресудата.

Сметам дека имавме целосно неподготвен предмет без релевантни докази“, рече тој подвлекувајќи дека правецот по кој е водена истрагата е целосно погрешен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Доживотна казна затвор за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, а за таткото на Ѓорчевска, соодветна затворска казна, побара Обвинителството

Мајката на Вања и ќерките на Панче побараа отштета и доживотен затвор за обвинетите

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести