Денеска во Јавна Соба – Скопје, се одржа регионалниот настан STAR Форум на тема: „Предизвик vs. Можност: Генерација З (Gen Z) на пазарот на труд?“.
Форумот претставуваше важна платформа за дијалог меѓу младите, институциите, граѓанските организации, бизнис-секторот и меѓународните програми, со цел да се истакне важноста на темата за кариерен развој и вработување на младите во Западен Балкан.

Фокусот на настанот беше ставен на Генерација 3 – првата целосно дигитална генерација, родена по 1996 година, која до 2030 година ќе сочинува околу 30% од светската работна сила. Форумот го постави прашањето: дали доволно добро ја разбираме оваа генерација, нивните комуникациски навики, очекувања и пристап кон работата?
Учесниците разговараа и за тоа како да се претворат предизвиците со кои се соочуваат работодавачите и институциите во можности за подобра интеграција на младите на пазарот на труд.
Во рамки на Форумот беа одржани две тематски панел дискусии. Првиот панел – „Двојно интервју: Што очекуваат младите, а што бараат компаниите?“ – ги обедини перспективите на младите и претставници од бизнис секторот и човечки ресурси.

Вториот панел – „Време за акција: Што треба да направи државата?“ – се фокусираше на политиките, стратегиите и процесите кои се неопходни за поефикасно кариерно советување и создавање поволни услови за младинско вработување.
Клучните препораки што произлегоа од дискусиите се однесуваа на потребата од системски пристап во кариерното советување, појасно профилирање на младите на пазарот на труд, како и дигитализација и подобрување на пристапноста до услугите поврзани со кариерен развој. Дополнително, се истакна предизвикот што го носи забрзаниот развој на вештачката интелигенција, која до 2030 година ќе трансформира милиони работни места, што бара нови, адаптибилни и креативни вештини кај младите.
Во рамки на настанот беше промовиран и новиот регионален портал STAR.study, достапен на сите јазици на Западен Балкан. Порталот претставува единствена онлајн алатка за поддршка на младинската кариера, која вклучува интерактивна мапа на чинители од екосистемот за кариерен развој, видео курс за кариерна ориентација, база на можности за млади, и наскоро – дневни вести и ресурси во оваа област.
STAR Форумот е организиран од Иновативниот инкубатор за општествени промени МУЊА од Сараево, со поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Западен Балкан, Београдска отворена школа и други партнери од регионот. Настанот претставува дел од поширока иницијатива за унапредување на кариерата и вработувањето на младите низ Западен Балкан.
Промотивна објава