Спасен параглајдерист на врвот на Галичица: Вистинско чудо имајќи ги предвид околностите

Вчера околу 16:30 часот, до оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид (ПСС) бил упатен повик за помош од вработен во НП Галичица. На наплатниот пункт „Дервен“ лице од Турција пријавило дека негов пријател – параглајдерист – принудно слетал во околината на врвот Магаро и му е потребна евакуација.

„По брза координација и утврдување на точната локација, параглајдеристот беше лоциран на тешко пристапниот и карпест дел, на западната страна од планината. Несреќата се случила околу 16:00 часот, кога, од засега непознати причини, пилотот изгубил целосна контрола над крилото и бил принуден да го активира резервниот падобран. За среќа, слетал без физички повреди.

Од моментот на пријавата, операторот од ПСС остана во постојан контакт со параглајдеристот. Истовремено, спасувач од ПСС кој се наоѓаше во Планинската куќа „Спиридон“ веднаш се упати кон локацијата, додека дополнителен тим од 5 спасувачи остана во приправност во Охрид, подготвени за асистенција доколку е потребно,“ велат од ПСС Црвен крст Охрид.

Околу 18 часот, спасувачот пристигнал до местото, му дал храна и вода на параглајдеристот, и заедно безбедно се вратиле кон Планинската куќа.

„Со оглед на локацијата, околностите и среќниот исход – оваа интервенција ќе остане запаметена како вистинско чудо во меморијата на нашата служба.Огромна благодарност до сите вклучени, а на пилотот му посакуваме многу побезбедни летови во иднина,“ додаваат од ПСС Црвен крст Охрид.

Фото: ПСС Црвен крст Охрид

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести