Амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка ќе одбележат по една планинарска патека на Водно, Баба и Шар Планина во рамките на Славковскиот проект, кој го потпишаа амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва и амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш.
За време на потпишувањето, Чешка го предаде претседавањето со форматот Славков/Аустерлиц на Словачка.
„Обележувањето пешачки патеки ќе им биде од корист на рекреативните и спортските планинари, алпинистите и сите љубители на природата за да имаат побезбедно искуство при пешачењето на планина и да ги истражат убавините на Водно, Баба и Шар Планина.
Го промовира пешачењето како здрава активност која ја заштитува природата и исто така го овозможува локалниот економски развој преку отворање можности за дополнителни услуги како што се сместување, пешачки тури со водичи, производство и продажба на локални производи,“ се вели во соопштението.
Секоја од земјите на Славковскиот формат ќе биде одговорна за обележување на една пешачка патека, а ќе постави и информативна табла за патеките.
Славковскиот формат или трилатерала е регионална соработка меѓу Австрија, Чешка и Словачка кој е основан во 2015 година.
Фото: еМагазин.мк