Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни, кој Мицкоски го нарече “северномакедонски премиер“

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој македонскиот премиер Христијан Мицкоски го нарече “северномакедонски премиер“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарскиот министер за надворешни го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“, македонскиот премиер го нарече „момче“ пратено да му го привлече вниманието

-Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи, одговори Филипче на новинарско прашање на денешната негова прес-конференција, потсетувајќи дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има искуство и капацитет да се справи со нив.

-Многу пати наназад, во изминатите години и децении од нашата самостојност, сме се сретнувале со такви ситуации – луѓе кои нè негирале, луѓе кои нè провоцирале – и тоа трае уште од деведесеттите години наваму, и тука до израз доаѓа умешноста на дипломатијата.

Еве ќе се вратам во деведесеттите години – да потсетам, во времето на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, претседател на Социјалистичката интернационала, Пјер Моро му кажал: „Не може секое племе на Балканот да има држава“. Но, тука не треба да се нервира човек, туку треба да се работи. Ние сега сме држава, членка на НАТО“, рече тој, подвлекувајќи дека претходните влади на СДСМ, со дипломатија и трпение се избориле и за договорите со Грција и Бугарија, во кои според него биле заштитени македонскиот јазик и идентитет.

-Ние со провокации од Бугарија сме се среќавале и порано. Бугарите не се различни од лани до сега. И во наше време, кога ги преговаравме договорите со Грција и со Бугарија, имаше луѓе кои што провоцираа, па успеавме во договорите да стои чист македонски јазик. Значи, умешноста на дипломатијата се гледа тука, рече Филипче, посочувајќи дека вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба.

-Дипломатијата мора да се користи со цел да го извлечеме најдоброто за земјата. Да водиме напред, да ги отвориме преговорите – тоа е единствената иднина за земјата. Тоа сите го знаат. Меѓутоа, тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба, рече Филипче, алудирајќи на вчерашната вонредна прес-конференција на Мицкоски, откако Извештајот на Европскиот парламент за Македонија беше изгласан без референците за македонски јазик и идентитет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Факт е дека Бугарија работеше против нас, кажа Мицкоски за изгласувањето на Извештајот на ЕП за Македонија

Според него Извештајот на ЕП не е за постоењето на македонската нација, јазик и идентитет оти тие јасно биле дефинирани и заштитени и никој не можел да ги допре или да им наштети.

-Но, вадењето на јазикот од Извештајот е пораз на владната дипломатија која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи, туку како со булдожер ги сруши. Ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник. За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Ветуваа гордост, добивме понижување, рече тој меѓудругото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Не беше грешка вметнувањето на македонскиот јазик и идентитет во Извештајот на ЕП, вели Вајц

Што пишуваат регионалните медиуми за Извештајот на ЕП за Македонија, од кој беа избришани македонскиот јазик и идентитет

Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести