Во врска со сообраќајната незгода што се случи на 23. јули 2025 година, околу 12:00 часот на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во близина на селото Зубовце, ја информираме јавноста дека двајца малолетни велосипедисти од репрезентацијата на Исланд, учесници на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), се здобија со телесни повреди. По укажаната медицинска помош во Општата болница Куманово, утврдено е дека спортистите се во стабилна и добра здравствена состојба, без потреба од хоспитализација, информираат од Организацискиот комитет на ЕМОФ.
„На местото на настанот веднаш реагираа претставници од организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025, кои им укажаа поддршка и помош на повредените спортисти и беа во постојан контакт со делегацијата од Исланд.
Според официјалниот извештај на СВР Куманово, на 23.07.2025 година во 12:09 часот било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во атарот на с. Зубовце, патничко возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од лице на возраст од 42 години, удрило во двајцата велосипедисти од Исланд. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Куманово.
Во согласност со полицискиот извештај, истите велосипедисти не се движеле на официјална и одобрена патека за тренинг или натпревар, ниту во времетраење што било определено за тренинг активност. Според податоците, делегацијата на Исланд на сопствена иницијатива и без најава до организациониот комитет, спровела тренинг на регионален пат кој не бил дел од агендата на ЕМОФ,“ велат од таму.
Од исландската делегација во изјава до организацискиот комитет изразиле жалење за инцидентот, при што посочиле:
„Жалиме за ненамерниот инцидент што се случи надвор од официјалната тренинг патека на ЕМОФ. Благодарни сме што двајцата велосипедисти се во добра здравствена состојба. Благодарност до организаторите и медицинскиот тим за нивната брза реакција и поддршка. Ќе соработуваме целосно со сите релевантни институции за да се расветли случајот и да се осигураме дека сите активности продолжуваат во духот на спортот, одговорноста и безбедноста.“
За потсетување, за тренинг активности од 10:00 до 13:00 часот, полицијата имаше обезбедено целосно блокирана и безбедна траса од пред ресторанот Фемили во населбата Карпош, по стариот пат за Крива Паланка, преку местото викано Света Петка, па по регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце до Меморијалниот центар АСНОМ. На оваа делница сообраќајот за возила и пешаци беше во целост стопиран, посочуваат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Двајца малолетни велосипедисти од Исланд учесници на ЕМОФ, удрени со автомобил
Фото: Unsplash