Во финансискиот извештај за работењето во првите шест месеци од годинава Алкалоид АД Скопје ги објави и очекувањата за престојниот период.
-Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање.
Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали.
Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти
Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојноистражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите.
За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти, велат од таму.
Компанијата го објави и Бизнис-планот за годинава. Истиот предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
-Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како се движела цената на акцијата на Алкалоид во првото полугодие
Алкалоид со раст на консолидираните приходи и добивка во првото полугодие
Инвестиции од 615,1 милиони денари и 21. ново вработување во Алкалоид во првото полугодие