Време е за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова од Крушево, на прославата на Илинден.
„Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот,“ рече Сиљановска Давкова.
Таа се осврна на проблемот со иселувањето, потенцирајќи дека најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење.
„Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас“, додаде таа.
Во однос на реформите за влез во ЕУ, рече дека нема дилема дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка, но посочи и дека легитимно прашање е дали и колку денешнава Европска Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи.
„Неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, кој за мене е, така ги учам и студентите, школа на европската демократија, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет. Не е 100 години, претходно, многу модерно,“ додаде Сиљановска Давкова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија денеска го слави Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ
Фото> Кабинет на претседателката