Вештачката интелигенција без никаква примена во јавниот сектор, утврди Ревизија

Вештачката интелигенција (ВИ) денес е глобален приоритет, но во државата сè уште нема законска рамка, национална стратегија, ниту институционална координација за нејзина примена, велат од Државен завод за ревизија.

Од 2012 година преку Фондот за иновации и технолошки развој се кофинансирани 48 ВИ проекти во износ од 6,1 милион евра, но поради недоволна транспарентност, слаб публицитет и отсуство на системски пристап, ниту еден од овие проекти не е имплементиран во јавниот сектор.

„Употребата на вештачката интелигенција се споменува во повеќе стратешки документи, но најчесто како дел од пошироки цели, без придружни акциски планови и без координиран пристап. Вложувањата во ИКТ инфраструктура за напредни истражувачки ресурси, како што се суперкомпјутери, специјализирани сервери за обработка на големи податоци и машинско учење, развој на технолошки центри, се незначителни и придонесуваат за намален интерес за проекти со користење на вештачка интелигенција.

И покрај тоа што не е донесена национална стратегија, ниту законска рамка за примена на ВИ во јавниот сектор, во периодот од 2018 до 2023 година, преку Фондот за иновации и технолошки развој се финансирани 48 проекти со елементи на ВИ во вкупна вредност од 6.110.044 евра (375.768 илјади денари).

Ниту еден од поддржаните проекти за ВИ не е имплементиран во јавниот сектор. Недоволната промоција и отсуство на јавен регистар на проекти за ВИ ја ограничуваат нивната видливост, следливост и примена, што негативно влијае врз можностите за нивна имплементација, популаризација и понатамошни вложувања во јавниот сектор,“ се вели во ревизорскиот извештај.

Во 12 области (авионска индустрија, авто/агро индустрија, ветерина, е-бизнис, енергетика, здравство, ИТ / финансии, ИТ/ образование, јавен сектор, правен сектор, производство и финансии), кофинансирани се по еден проект поврзан со ВИ.

Во извештајот се додава дека иако Владата во 2023 година го промовираше првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција АДА, со цел зголемена подобра транспарентност информираност инвестициските и за можности, алатката веќе не е во функција, и покрај вложените 150 илјади евра, една од причините е што не е продолжен договорот со економскиот оператор кој ја изработил и ја одржувал апликацијата.

„Иако 96,99% од населението е покриено со 5G мрежа, а над 68% од домаќинствата имаат пристап до фиксни мрежи со многу висок капацитет, Република Северна Македонија сè уште не располага со современа и сеопфатна дигитална инфраструктура што е предуслов за примена на вештачка интелигенција.

Недостасуваат понови генерации на суперкомпјутери, стабилни дата центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, што ја ограничува подготвеноста на земјата за примена на ВИ во јавниот сектор. И покрај најавите, сè уште не е изграден технолошкиот парк во Скопје, а постојните иницијативи остануваат недовршени.

Ова укажува на итна потреба од вложувања во инфраструктура што ќе овозможи сигурна, доверлива и ефикасна примена на новите технологии, во согласност со европските регулативи и стратешките цели за дигитална трансформација,“ се додава во соопштението.

Вештачката интелигенција има потенцијал да го подобри функционирањето на повеќе сектори здравство, енергетика, образование, јавна администрација, финансиски и безбедносен сектор, земјоделство, индустрија.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести