Првпат во Македонија успешна операција на редок спинален тумор изведена во Клиника Жан Митрев

Во Клиничката болница Жан Митрев, неврохируршкиот тим предводен од проф. д-р Владимир Рендевски успешно изврши сложена операција на 29-годишна пациентка од странство, кај која беше откриен тумор во спиналниот канал во предел на сакралната коска, информираа од таму.

Пациентката со месеци чувствувала континуирани болки во крстот и долж десната нога, кои не реагирале на претходно дадената терапија. Деталните дијагностички прегледи откриле туморска формација во ‘рбетниот канал што предизвикувала силен притисок врз нервните корени, што било причина за нејзините симптоми.

Со примена на современа микроневрохируршка техника, тимот на проф. д-р Рендевски прецизно го изолирал туморот од околните нервни структури и го отстранил во максимално можни граници. Оваа интервенција резултираше со значително намалување на симптомите и подобрување на општата состојба на пациентката.

Со оваа операција, како и со досегашните интервенции на мозок и ‘рбетниот столб, Клиничката болница Жан Митрев ја потврдува својата целосна подготвеност и стручност за изведување на најсложени неврохируршки процедури. Од неодамна, болницата обезбедува и целосна 24-часовна покриеност за итни неврохируршки состојби, сите денови во неделата, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести