Машинскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во академската 2025/26 година, бележи извонреден успех на првиот уписен рок за прв циклус студии, информираат од таму.
На овој рок се запишаа вкупно 233 студенти, што претставува зголемување од дури 43% во однос на минатата академска година.
„Овој значителен пораст претставува јасен показател за зголемениот интерес на младите генерации за студирање машинско инженерство и за перспективите кои ги нуди оваа област. Важно е да се истакне дека оваа година, за прв пат по подолг временски период, кај одредени студиски програми уписните квоти се целосно пополнети уште во првиот рок. Овој факт е особено значаен бидејќи укажува на довербата што студентите ја препознаваат во Машинскиот факултет – институција со 65-годишна традиција, која постојано се прилагодува на современите образовни и индустриски трендови.
Зголемениот интерес за студирање машинство е директно поврзан со позитивните трендови во домашната и светската економија, како и со засилената побарувачка за инженерски кадар во индустријата. Во услови на забрзана индустриска модернизација, развој на нови технологии и раст на производствениот сектор, машинските инженери стануваат едни од најбараните и најценетите професионалци на пазарот на труд.
Во нашата држава, но и пошироко, машинското инженерство е двигател на клучни индустриски гранки како што се енергетиката, производството, транспортот, автомобилската индустрија и современите технологии за автоматизација и роботика. Сето ова создава нови можности за вработување и напредување, што ја прави професијата уште поатрактивна за младите генерации,“ се вели во соопштението.
Во него се додава дека успехот во првиот уписен рок е и резултат на континуираните напори на Машинскиот факултет – Скопје да ја модернизира наставата и да овозможи современи услови за студирање.
„Во изминатите години, факултетот вложи значителни ресурси во обновување на лабораториите, дигитализација на наставните процеси и развој на нови студиски програми што одговараат на најновите трендови во индустријата. Дополнително, соработката со компании од реалниот сектор овозможува студентите да стекнат практични вештини и искуства уште за време на студирањето, што им дава предност на пазарот на труд.
Машинскиот факултет при УКИМ останува доследен на својата мисија да создава висококвалитетни инженерски кадри, подготвени за предизвиците на современото општество и индустријата. Оваа година е силна потврда дека младите ја препознаваат важноста и иднината на машинството како стратешка област за развој на економијата.
Во наредниот период, факултетот продолжува со уписите во вториот рок, кој ќе овозможи и на останатите заинтересирани матуранти да станат дел од најголемата образовна институција за инженерство во земјата. Очекувањата се позитивниот тренд да продолжи, а бројот на новозапишани студенти дополнително да се зголеми.
Со својата традиција, современи услови и отвореност кон иднината, Машинскиот факултет – Скопје останува прв избор за идните генерации инженери и двигател на индустрискиот и општествен развој на Македонија,“ се додава во соопштението.
Фото: Unsplash