Како се создаваше приказната за „Силјан“, македонскиот кандидат за Оскар: Од украдени материјали, до снимки од луѓе со штркови пред кооперација

Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто, вели режисерката Тамара Котевска за нејзиниот најнов документарен филм „Силјан“, кој од филмските работници, едногласно беше избран за претставник на Македонија во трката за Оскар од странско говорно подрачје.

Овој филм веќе го забележа и својот прв успех, ја освои „Наградата на музата“, за најинспиративен филм на престижниот филмски фестивал во Венеција, а имаше и своја северноамериканска премиера во Торонто.

За тоа, како всушност се создаде овој филм, режисерката Котевска за прв пат проговори неодамна во Скопје, кога исто така беше споделена и една прекрасна вест врзана за овој филм, а која официјално ќе биде објавена следниот период.

Секој филм е почеток од нула

Котевска раскажа дека на снимањето на филмот, работел многу мал тим. Една година снимале без да имаат никакви финансии, ниту пак сознанија за можни финансиери. Успехот на „Медена земја“ воопшто не го олеснил процесот на лесно наоѓање финансии.

„Посебно по „Медена земја“, многу често луѓето мислат дека е лесен патот за филм. Сакам да напоменам дека воопшто не е така, секој филм почнува од ново и се војува истата битка, а притоа очекувања се огромни и тука има голем притисок. Беше навистина тешко, за година дена да можеме да избуткаме и да имаме мотивација да го правиме овој филм, бидејќи немаше ниту еден заинтересиран странски финансиер во тој момент.

Документарниот пазар е во огромна криза во моментов. Веќе неколку години стримерите тотално го убиваат тој пазар. Така што не знаевме дали ова што го правиме е со некоја цел или не. Ете да кажеме дека го гледавме како некое истражување за играниот филм  „Човек против јато“, па тоа ни даваше мотивација.

Но, кога ја најдовме приказната со штрковите кои јадат на депонија, тука веќе знаевме дека мора да продолжиме и дека ова ќе вреди. На тој пат, како непишано правило се потврди дека, секогаш кога на документарен филм ќе ти украдат материјали или ќе фатиш болви излегува успешно,“ вели Котевска.

Украдени материјали

Освен што снимањето го плаќале од сопствени средства,  при тој процес, се соочиле и со еден исклучително тежок момент – им украле опрема во вредност од 4.000 евра и бесценет материјал.

„За жал имавме многу лош инцидент, додека снимавме на ниви околу Чешиново каде што нема ни луѓе, некој селанец со камен го скршил прозорот од автомобил, ни ги собрал лап топот објективите, среќа дронот го немаше земено, така што доста квалитетен материјал ни снема.

Беше многу трагично за нас, со многу нервоза и со многу плачење. Ни беше многу тешко во тој момент да се натераме да продолжиме да снимаме и да истраеме. Тука можам да кажам дека ми помогна искуството со „Медена земја“, за да можам да буткам и да продолжам на тој пат,“ додава Котевска.

Живот во трејлер

Локациите каде што живеат штрковите, им биле дадени од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД), па така потрагата по гнезда ја правеле по непристапни терени, напуштени села, заради што животот се одвивал во трејлер.

 „Во играното сценарио имав опишано сцена со штрк, симболиката на плодност која што ја претставуваат ја врзував со губењето на плодноста на земјата, на капитализмот како влијае врз тоа и поради тоа штркот го избрав како симбол. Имав опишано една сцена, како штрк лета преку нива.Тоа за нас во моментов беше научна фантастика, дали ќе биде анимација или како ќе го снимаме. Во момент кога се уште не бевме спремни да го снимаме „Човек против јато“, правевме истражување, каква техника да користиме.

Земавме соодветен дрон кој може во лет да ги менува објективите, па така имаме многу спектакуларни кадри од штрково торнадо, движење во круг на јато од стотици штркови, се приближуваме и влегуваме буквално до окото на еден штрк. Успеавме да најдеме соодветен тип на дрон што може тоа да го направи. Купивме специјални објективи за посматрање од далеку.

Кога штрковите се во гнездо, ни требаше доста време да се зближиме. Прво се плашеа од дронот, реагираа многу лошо, скокаа беа заштитнички настроени, меѓутоа посветувавме многу време на секое гнездо. Научивме дека треба да ги следиме од кога ќе се испилат, а растат во рок од неколку месеци. Имаме неколку гнезда кои што ги следевме од малечко штркче, само што ќе се изведе и целиот процес како расте, како учи да лета, како полетува. Неколку гнезда се буквално израснати со нашиот дрон,“ раскажува Котевска.

Симбиозата помеѓу луѓето и штрковите е фасцинантна

Протагонистот Никола, воопшто не бил ни планиран за во филмот, но режисерката не можела да оддолее на моментот на неговата појава, кој всушност сам по себе е приказна и се вклопува во целата идеја.

Првичната идеја била да се сними краток еколошки документарец за смената на патот на миграцијата на штрковите, бидејќи со се поголемиот број на диви депонии, тие престануваат да мигрираат остануваат да јадат тука, и притоа голем број умираат.

„Од старт тргнав со идејата, да ја покажам промената на миграцијата на штрковите, и како некој што се занимава со животна средина ми беше битно да покажам, како штрковите јадат од депонии кај нас. Меѓутоа, дефинитивно најфасцинантниот момент ми беше односот кој Никола го има со штркот, кој не му е ни прв штрк, тој веќе чувал претходно и не е ни единствениот. Фасцинантна е симбиозата помеѓу луѓето од Чешиново, Стојаково, со штрковите, тоа е навистина нешто посебно. Многу често се случува да паѓаат штркови, они да ги чуваат.

Кога се запознавме со Никола и кога видовме дека и тој е човек во транзициона фаза, за да почне да работи на депонија, бидејќи имаат сериозна криза со земјоделието, паралелата ми беше премногу атрактивна како автор. И си зададов огромен предизвик, да ја најдам таа паралела. Значи многу детално истражував.

Откако една година поминавме со снимање, поминав уште шест месеци истражувајќи и зборувајќи со професори по земјоделие, биологија, за да можам да ги најдам точните паралели. Кога го најдовме овој лик, целиот момент со бајката беше неминовно нешто. Беше фасцинантно дека ние во Македонија ја имаме таа приказна, на некој начин се случува пред наши очи“, додава Котевска.

На крај ќе истакне дека најмногу сака да раскажува приказни од Македонија, бидејќи многу добро ја познава сопствената земја и ја сака.

„Има една сцена во филмот каде што имаме старци пред кооперација и неколку штркови пред кооперација си седат заедно. И тоа се такви некои нереални ситуации и сцени. И повторно овој филм ме убеди дека дефинитивно најдобро знам да раскажам приказна од Македонија, најмногу сакам да раскажувам приказни од Македонија.

Имав прилика да правам и други типови на филмови, меѓутоа едноставно толку добро ја познавам нашата земја, толку многу ја сакам, што секогаш ме фасцинира кога наоѓаме реални приказни во земјава, а личат на научна фантастика,“ вели Котевска.

Фестивалскиот пат на филмот допрва започнува, а ќе следува и кампања за Оскарите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трумф во Венеција: Филмот на Тамара Котевска „Силјан“, ја освои „Наградата на музата“, за најинспиративен филм на Биеналето

„Силијан“ на Тамара Котевска е македонскиот кандидат за Оскар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести