И ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе предложи резолуција за „црвените линии“, како подлога ќе ја користи предложената од СДСМ

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, откако вчера СДСМ ја објави предлог-резолуцијата за „црвените линии“ на Македонија на нејзиниот европски пат, синоќа изјави дека по завршувањето на локалните избори во Собранието и од неговата партија ќе предложат македонска резолуција, која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уставни измени до 10. февруари 2026, за идентитетски прашања да не се преговара: СДСМ презентираше предлог-резолуција за националните позиции за евроинтеграцискиот пат на Македонија

За таа пак на СДСМ даде повеќе забелешки, но посочи дека истата ќе се искористи како подлога на таа што ќе ја предложи ВМРО-ДПМНЕ.

– И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија ќе направиме една вистинска резолуција. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ како и неговите двајца претходници продолжува по таа патека, рече Мицкоски.    

Онаа што му паднало во очи, како што рече, „е типично за СДСМ да фалсификува и лаже“, мислејќи на неколку точки кои се во самата преамбула на резолуцијата.

-Да речеме се обидува да се негира еден историски факт и да се каже дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН во 2019 година. Тоа е една монструозна лага, посебно во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во ОН како официјален јазик на тогашната југословенска федерација заедно со српскохрватскиот и словенечкиот јазик. Бидејќи денеска целта ни е културата, јас би сакал овој монтруозен фалсификат кој што е дел од оваа резолуција категорички македонската јавност да го отфрли и да го осуди, рече Мицкоски.

Според него има неколку други фалсификати, а тоа е дека во 2005 година Северна Македонија не доби датум за почнување на преговори туку Република Македонија, односно тогашната држава која во меѓународниот поредок беше Поранешна Југословенска Република Македонија.

-Исто така и во 2009 година прв позитивен извештај за отпочнување на преговори доби Република Македонија согласно Уставот. Самата конструкција е лажна, но тоа е типично за СДСМ и последно што сега би го искоментирал, а за деталите ќе се вратиме после изборите е конфузијата која што е во самата резолуција. Зборуваме за копенхагеншки критериуми, а потоа ги цитираме двата билатерални договори со Грција и со Бугарија. Едно со друго не се комплементарни, така што има многу што да се даде како инпут, рече Мицкоски.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести