Историски чекор за македонските сметководители: ИСОС примена во CFE Tax Advisers Europe

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) официјално стана членка на CFE Tax Advisers Europe – најпрестижната европска организација која ги обединува националните здруженија на даночни советници и сметководствени професионалци. Со ова, ИСОС е единствената професионална организација на сметководителите од регионот на Западен Балкан која е дел од оваа европска мрежа.

„Зачленувањето на ИСОС во CFE претставува значаен чекор кон зголемување на видливоста и кредибилитетот на сметководствената и даночната професија од нашата земја во Европа. Ова ќе им овозможи на нашите членови пристап до најновите знаења, европски практики и можности за професионален развој. Веруваме дека ова партнерство ќе ја унапреди работата на македонските сметководители и ќе придонесе за нивна поголема конкурентност во меѓународни рамки. Истовремено, ова е уште една активност која треба да придонесе за зголемување на атрактивноста на нашата професија кај младите од нашата земја, што е една од основните цели на Институтот“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Поздравувајќи го зачленувањето на ИСОС, директорот на CFE Tax Advisers Europe, Александар Ивановски, истакна: „Уверени сме дека ова членство ќе придонесе за подобрување на регионалната и европската соработка во областа на даноците и сметководството. На членовите на ИСОС им се отвораат можности да учествуваат во специјализирани програми за обука, конференции и професионални мрежи, но и да влијаат врз креирањето на европската регулатива и стандарди кои директно ја засегаат нивната работа и работата на нивните клиенти и бизнис секторот во целина“.

CFE Tax Advisers Europe (Confédération Fiscale Européenne) е основана во 1959 година и има седиште во Брисел, Белгија. Таа е чадор-организација која ги претставува интересите на даночните советници и сметководствени професионалци пред институциите на ЕУ и меѓународните организации. CFE промовира високи професионални стандарди и етика, подготвува експертски анализи и мислења за даночните регулативи и овозможува размена на знаења и искуства меѓу своите членки. Организацијата редовно организира стручни конференции, работилници и образовни програми за развој на професијата.

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) е независна, неполитичка, непрофитна професионална организација која обединува над 6.000 активни сметководители и овластени сметководители во РС Македонија. Основан е согласно Законот за вршење на сметководствени работи и има јавни овластувања за издавање уверенија и лиценци, водење регистри, контрола на професионалната работа, превод на меѓународните сметководствени стандарди, како и следење на Кодексот на етика за професионални сметководители.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести