Кандидатот за советник на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Имит Скопко, е во кома откако на 2. октомври бил нападнат од 37-годишен жител на Виница на паркинг-простор пред ресторан во градот.
Од Основното јавно обвинителство Кочани информираа дека напаѓачот ќе одговара за нанесување тешка телесна повреда.
Според Обвинителството, осомничениот започнал вербална расправија со Скопко во ресторанот. Конфликтот продолжил пред објектот, каде што осомничениот најпрво му задал повеќе удари со тупаници во стомакот. Потоа, двете лица продолжиле да се туркаат и да се удираат со камења.
И покрај обидите на присутните лица да ги раздвојат, во еден момент осомничениот со камен го удрил Скопко во задниот дел од главата и тој од ударот паднал во бессознание.
Лекарите констатирале скршеница на черепот на главата поради која Скопко се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност.
Јавниот обвинител веднаш по настанот побарал и добил мерка притвор за осомничениот во траење од двапати по 48 часа, со цел да се обезбедат сите потребни докази, особено во поглед на здравствената состојба на Скопко.
Надлежниот јавен обвинител до Судот вчера доставил предлог за определување притвор за напаѓачот во траење од 30 дена.