Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација, вели гувернерот Славески

На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, истакнал дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст, информираа од Народната банка.

„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порачал гувернерот.

Тој зборувал на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа и гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот бил насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.

Славески нагласил дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство.

„Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додал тој.

Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести