Во Општина Гостивар во последните 24 часа се примени 260 лица со стомачни проблеми.
Од нив 100 се примени на детскиот оддел и 160 на инфективниот оддел.
Информациите денеска ги сподели министерот за здравство, Сашо Клековски, кој беше во посета на Гостивар, и посочи дека во моментот на посетата, во Општата болница „Д-р Ферид Мурад” имало 7 пациенти на детскиот оддел и 20 пациенти на инфективниот оддел.
Првите случаи во болницата се регистрирани на 13. јули, во доцните ноќни часови, иако се можни претходни индивидуални случаи. Вкупниот број надминува илјада пациенти, а претпоставениот врв е во последните два дена.
Сите пациенти имаат стомачни проблеми (дијареја, повраќање), некои со треска (температура) и дехидратација. Се третираат со инфузии (за дехидратација) и симптоматски, а најголемиот дел се упатуваат на домашно лекување. Три деца се задржани на набљудување.
Пациентите се од сите возрасни групи, најмногу деца и возрасни со коморбидитети. Повеќето се од Гостивар, но и од околните населени места Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште…
Истражувања вршат Институтот за јавно здравје (по барање на Јавното обвинителство), Центарот за јавно здравје и болницата. Се истражуваат примероци на вода, лабораториски крвни анализи и копрокултура.
Примероците на вода се испитуваат хемиско-физички (вклувајќи тешки метали), бактериолошки и паразитолошки.
Другите анализи се фокусираат на бактерии и вируси (адено-, рота-).
Досега се земени само 18 епидемиолошки анкети, а недоволно копрокултури. За соодветна анализа неопходни се многу повеќе.
Според демографијата, географијата и времетраењето на случувањата, неофицијално може да се исклучи храната како извор на проблемот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МЗ














