15. јубилејно издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“, ќе се одржи на 10 и 11. октомври 2025 во Малдинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје.
„Првиот фестивалски ден е посветен на домашната млада алтернативна сцена, која ќе се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија. Во рамките на овој проект, насловен „Imagine Macedonia” во кој МММ е партнер, e натпревар за млади музичари со авторска музика од сите жанрови, чија цел е здружување на млади луѓе од сите музички жанрови.
„Imagine Music Experience” годинава се одржува во 9 земји (Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Македонија, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве) и е програма отворена за музичари на возраст од 13 до 21 година. Секоја година, победниците на националното финале од секоја од овие земји имаат шанса да настапуваат и да се натпреваруваат на меѓународното финале во Брисел, Белгија (11-15. декември) во салата на La Botanique.
Годинава Imagine Macedonia ќе се реализира во соработка со Малдинскиот Културен Центар во Скопје и фестивалот „Здраво Млади“ на кој ќе настапат следните млади музички состави: “LSD during war”, Големата вода, Мираж, “The Pot”, „Sunneater”, Корка, „Tsar Von Time” и „DENMV”,“ информираат од МКЦ.
Утре, 11. октомври, главната фестивалска вечер ќе ја отвори победникот од денешниот натпревар, Imagine Macedonia.
„Вечерта е поделена на три фестивалски бини: сала „25 Мај” (Денсинг сала), на која ќе настапат легендарниот белградски бенд „Repetitor”, митскиот либиски цар на „хабиби фанкот” – Ахмед Факрун, скопскиот состав „Pedro Horizonte”, хрватскиот алт-поп бенд во подем „Ki Klop”, и новите рокенрол ѕвезди на македонската сцена – Преку ред.
Втората фестивалска бина, лоцирана во Клубот МКЦ, оваа година се реализира во соработка со здружението на граѓани за промоција на женската активност „Tiiiit.Inc” од Скопје. Бината е посветена на фестивалот “Прво па женско” и во рамките на оваа програма, ќе настапат следните артисти: „Pocket palma”, „Suze od luka”, Katerinha, Gillespie, KEM, Lelee. Оваа програма, настанува како фузија на двата фестивали – „Здраво млади” и „Прво па женско”, кое годинава ќе го доживее своето 13 издание.
Фестивалот “Прво па женско” е единствен фестивал во земјата посветен на феминистичката култура и активизам, кој промовира разновидни пристапи во промислувањето и репрезентацијата на родот во уметноста и критичките пракси. Програмата која ќе ја претстават во рамките на “Здраво Млади” e дел од есенското издание на „Прво па женско 13”. Благодарение на оваа соработка, дизајнот оваа година за фестивалот го изработи младата дизајнерка Ана Попоска,“ се додава во соопштението.