Макбрас Асоцијација и Скопскиот Брас Фестивал најавуваат меморијалниот концерт посветен на прерано загинатиот нивен колега и пријател Филип Стевановски, чиј живот згасна во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.
Концерот ќе се одржи во Народниот театар во Штип, во сабота на 18. октомври.
На концертот ќе настапат квартетот тромбони „Макбрас“, како и истоимениот тромбонски ансамбл составен од 12 тромбонисти, меѓу кои и легендарниот македонски тромбонист Кирил Рибарски во чија класа Филип дипломираше на факултетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и реномираниот професор во пензија, професор Ташко Тодоров, во чија класа Филип го заврши средното музичко образование.
Покрај нив, на овој концерт како дел од ансамблот ќе настапат Владан Дробицки, Бранко Илиевски, Филип Богоевски Никола Ристевски, Виктор Богоевски, Никола Стојановски, Алек Ѓорѓиев, Лука Костовски на тромбон и Александар Ниниќ и Виктор Грижев на туба.
Идејата за овој концерт е истиот да стане традиција, во чест на Филип како еден од најсестраните млади музичари и тромбонисти во Македонија.
„Филип беше музичар кој подеднакво виртуозно музицираше на пијаното и тромбонот, а позади себе има оставено бројни видео и аудио записи на авторски изведби и композиции, а освен како музичар, делува во будењето на културниот живот и покренува неколку иницијативи во Штип и Куманово како „Куманово Џез Фестивал“, детскиот фестивал „Весело Штурче“, иницијатива за возобновување на диксиленд оркестар и биг бенд во Штип и многу други културни активности,“ се вели во соопштението.
На програмата ќе бидат изведени познати џез композиции во првиот дел од концертот, а во вториот дел пак ќе бидат изведени пет авторски композиции на Филип Стевановски, аранжирани специјално за овој концерт од Владимир Ботев.
Влезот е слободен, а концертот е од хуманитарен карактер и ќе бидат оставени кутии за донации за семејствата на настраданите од пожарот во Кочани.