Утре е можно да има редуцирани автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје поради прекин на испораката на природен гас кон Македонија од страна на НОМАГАС АД Скопје.
„На 17. октомври можно е да има отстапувања од возниот ред. Доколку има промени во времетраењето на прекинот, граѓаните ќе бидат навремено известени,“ информираат од ЈСП.
Од НОМАГАС неодамна најавија дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17. октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
„Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно надворешните температурни услови.
Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17. октомври,“ велат од НОМАГАС.