Бугарија се разочарала и се збунила од изјавата на словачкиот претседател Петер Пелегрини, кој пред неколку денови беше во посета на Македонија, во која отворено ја критикуваше Европската унија (ЕУ), а во која меѓудругото рече дека Унијата си игра со довербата на земјава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја, порача претседателот на Словачка од Скопје
Од бугарското Министерство за надворешни работи информираа дека амбасадорот на Словачка во Бугарија, Васил Гривна, бил повикан на разговор поради “неприфатливите оцени дадени во врска со евроинтеграциите на земјава“ од страна на претседателот на Словачка.
„Генералниот директор за европски прашања Јордан Прванов ја изрази длабоката збунетост на бугарската страна во врска со ставовите изнесени од претседателот Пелегрини, кои во практика ја оспоруваат валидноста на европскиот консензус од јули 2022 година, усвоен од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Словачка.
Длабоко сме разочарани што токму земја партнер си дозволува да ја промовира контрапродуктивната реторика на Владата на Република Северна Македонија, која постојано бара некого да го обвини за недостигот на напредок во нејзиниот процес на европска интеграција.
Таквиот став не е во интерес ниту на стратегиската визија на Европската Унија за регионот ниту на граѓаните на оваа земја кандидат“, велат меѓудругото од бугарското МНР.
Фото: Кабинет на претседателката