Македонската национална асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) во период од 28 до 30. октомври, во Копенхаген, Данска и Стокхолм, Шведска, ќе реализира интензивни промотивни активности за претставување на туристичките потенцијали на нашата земја.
НАИТМ ќе организира два настани (28.10. во Копенхаген и 30.10 во Стокхолм) со кои ќе се претставиме пред влијателната јавност во туризмот, медиумите и туристичките инфлуенсери од Скандинавија.
Во рамките на настаните ќе се остварат средби со скандинавски тур оператори, туристички агенции и асоцијации, со авио компании од овој дел од Европа, како и со влијателни туристички блогери, медиуми и инфлуенсери. Ќе се претстави земјава како автентична туристичка дестинација, со голем потенција за одржлив туризам.
Roadshow-то во Скандинавија е поддржано од Швајцарската и Шведската амбасада во земјава, и нивните проекти SIPPO I RECONOMY.
Покрај македонските компании кои членуваат во НАИТМ, на овие настани ќе учествува и ТАВ Македонија со цел разгледување можности за подобро авионско поврзување со Скандинавските земји.
„Целта на ова roadshow во Скандинавија, е да предизвикаме интерес, да ја претставиме нашата убава земја како автентична дестинација. Туристите нема да дојдат ако не ги заинтересираме и повикаме, ако немаме квалитетна промоција.
Денес не се поставува прашање дали ни е потребна туристичка промоција, тука каква таа ќе биде. Колку и да е убава една дестинација, ако никој не знае за неа, таа останува само скриено богатство, а не туристички производ, посебно денес во ера на дигитализација, ефтини летови и лесна достапност на било која дестинација”, изјави Драгана Панкова, оперативен директор на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).
Скандинавците се туристи со голема куповна моќ, патници кои сакаат автентични искуства и недопрена природа, а Македонија со своите планини и езера е идеална за нив доколку ја запознаат. Би сакале да биде нивната порта кон останатиот дел од Балканот, изјавија дополнително од НАИТМ.
НАИТМ е асоцијација која ги обединува компаниите од различни сектори кои се бават со дојдовен туризам во Македонија. Ги промовира членовите и дојдовниот туризам во Македонија како еден од најважните економски сектори. Со цел унапредување на туризмот предлага законски решенија и превзема најразлични активности за промоција на туристичките сектори.
ПР-објава
Фото: еМагазин.мк














