Најголемата библиотека во Истанбул, „Рами“, го освои првото место во категоријата „Проект од големи размери“ на наградите „Green Library Awards 2026“, што ги доделува Меѓународната федерација на библиотечни асоцијации и институции (IFLA). Наградата е признание за исклучителниот проект со кој некогашната воена касарна „Рами“ од XIX век беше трансформирана во современ и климатски отпорен јавен простор, без притоа да го изгуби својот историски идентитет.
Признанието, доделено од Секцијата за животна средина, одржливост и библиотеки при IFLA, ги признава библиотеките и проектите што се издвојуваат со лидерство, иновативност и значајно влијание во областа на еколошката одржливост. Резултатите од 11-тото издание на наградите беа објавени во рамки на Светскиот библиотечен и информативен конгрес на IFLA во Бусан, Република Кореја, а „Рами“ се издвои меѓу 62 пријавени проекти од 27 земји.
Изградена во периодот од 1826 до 1828 година, „Рами“ повторно ги отвори вратите во 2023 година, по обемни активности за реставрација, реновирање и адаптација. При трансформацијата бил применет принципот на конзервација и адаптивна повторна употреба, со зачувување на историската архитектура и оригиналните материјали.
Денес, библиотеката располага со 36.000 квадратни метри затворена површина и 4.200 места за седење, а комплексот вклучува дигитална библиотека, библиотеки за млади и возрасни и повеќе специјализирани библиотечни оддели. Одржливоста е интегрирана во секој сегмент од функционирањето на библиотеката. Комплексот располага со 51.000 квадратни метри уредена зелена површина, со 696 дрвја, 99.000 грмушки, еколошко езерце и површини со трска, со што се придонесува за урбаниот биодиверзитет и подобрувањето на локалната микроклима.
Собраната дождовница се користи за наводнување на зелените површини и за санитарни потреби, додека LED-осветлувањето, сензорските системи, енергетски ефикасната опрема и соларната енергија придонесуваат за намалување на потрошувачката на енергија. Библиотеката применува и селекција на отпад на изворот, одделно управување со опасен отпад, намалување на пластиката за еднократна употреба и дигитализација на административните процеси.
Во „Рами“ практично се применува холистички пристап, со поврзување на еколошките, социјалните, културните и образовните аспекти. Преку културни програми, обуки, практични работилници и информативни услуги поврзани со животната средина, библиотеката придонесува за развој на климатската писменост и одговара на културните, образовните и уметничките потреби на заедницата.
Центарот за пристапни ресурси овозможува библиотечните услуги да бидат достапни за корисници со различни потреби, додека одделението за реставрација „Шифахане“ се грижи за зачувување на ретки ракописи и печатени материјали за идните генерации. Библиотеката работи 24 часа дневно, седум дена во неделата, а во случај на катастрофи служи и како безбедна собирна точка. Благодарение на одржливите практики, „Рами“ стана првата библиотека во Туркије со „Biosphere Sustainable Museum Certification“, како и првата во земјата што ги поседува „Сертификатот за нулта отпад“ и „Сертификатот за зелена енергија“.
Од отворањето во 2023 до крајот на 2025 година, библиотеката ја посетиле повеќе од 8,2 милиони луѓе. Со успешната трансформација, „Рами“ денес е пример како историското наследство, современите библиотечни услуги, заштитата на животната средина и потребите на заедницата можат да се обединат во современ и одржлив јавен простор.

















