Стартуваше новата авиолинија Скопје-Мадрид: 49 дестинации со зимскиот ред на летови

Од вчера започна новата авиолинија Скопје-Мадрид, која за прв пат го поврзува македонскиот главен град со шпанскиот главен град и со срцето на Шпанија, информираа од ТАВ Македонија.

„Особено ми е драго што од денеска, 28. октомври 2025 година, Мадрид, една од најпосакуваните дестинации на нашите патници, сега е реалност и што тие ќе можат да уживаат во градот на уметноста, музиката, животот, плоштадите и терасите. Дом на познатиот музеј Прадо, Кралската палата, стадионот Сантијаго Бернабеу, но и на луѓето познати по својата топлина и гостопримство.

Со оваа авиолинија, Скопјe и Мадрид стануваат поблиски од кога било, а Македонија и Шпанија ги зајакнуваат дипломатските и економските врски, што претставува огромна можност за сите нас.

Оваа авиолинија, како и четирите нови што почнаа да сообраќаат овие денови, се доказ дека поврзаноста на Македонија со Европа се зголемува. Со зимскиот ред на летови, применлив од изминатиот викенд, Меѓународниот Аеродром Скопјe е поврзан со вкупно 49 редовни дестинации во текот на целата година и 13 чартер летови.

За нас во ТАВ Македонија, секоја нова дестинација значи повеќе можности за нашите патници, за туризмот и економијата, но и за нови пријателства меѓу луѓето,“ изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

На означувањето на стартот на новата авиолинија присуствуваа и потпретседателот на Влада и министер за транспорт, Александар Николоски, како и Рафаел Соријано Ортиз, амбасадор на Кралството Шпанија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ТАВ Македонија: Виз ер ги отвора новите 5 линии – Бари, Стокхолм, Мадрид и Ларнака од аеродромот во Скопје, Базел од аеродромот во Охрид

Фото: ТАВ Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести