Јавното здравство троши сѐ повеќе, а дава сѐ помалку, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека трошоците за јавни набавки во здравствениот сектор од 2015 до 2024 години, се зголемуваат, а од друга страна постои пад на квалитетот на здравсвени услуги.

„Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемија два и пол пати, односно од 126 милиони евра во 2015 на повеќе од 315 милиони евра во 2024 година. Инфлаторните фактори не се доволни за да се објаснат огромните скокови во вредноста на набавките.

Постои јаз помеѓу зголемената вредност на јавните набавки наспроти падот на дадените услуги во јавните здравствени установи што отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита.

Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува.

Во периодот 2015 – 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 %, а на болнички денови за 24 %,“ се вели во истражувањето.

Во него се додава дека растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 %.

„Со оглед на тоа што сè уште не е воспоставен Националниот систем за материјално-финансиско работење во јавните здравствени установи, како законска обврска предвидена уште од 2015 година, големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги упатуваат на висок ризик од злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи. 

Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач.

Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност, бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени.

Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 % во периодот на анализа,“ се додава во истражувањето.

Во него е нотирано дека двогодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра, се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат.

„За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен за 21 %, а вредноста на договорите за 77 %. Програмите за обезбедување инсулин од година во година се сè покуси, а извештаите за реализација на програмите не се објавуваат редовно и недостига јавен отчет за потрошеното.

Тендерите за вакцинацијата на населението се финансиски сè поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости – од планирање до неуспех да се склучат договорите навреме.

Трошоците за лекови за ретки болести во последната декада скокнале од 1,5 милион на 19 милиони евра. Овој голем пораст се случува во услови кога Државниот завод за ревизија укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите. Причината е што за поголемиот дел од болестите за кои се набавуваат лекови не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести.

Еден од факторите на корупција е и немањето доволно квалификуван кадар за спроведување на набавките. Истражувањето открива дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Без ефикасни механизми за надзор и следење, големи суми јавни пари ризикуваат да се потрошат без да се постигнат пропорционални подобрувања,“ велат од Центарот за граѓански комуникации.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести